Македонија
Одложена одлуката за Законот за јазиците, Костадиновски уверува дека нема да дозволи судот да биде уценуван
Првин ќе се слушне мислењето на експертите, а потоа ќе се одлучува за Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд денеска со пет гласа „за“ и еден „против“ одлучи првин да одржи подготвителна седница, на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат законот и оние што го поддржуваат, но, пред сè, експертите.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пред новинарите изјави дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
„Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава, ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи“, рече Костадиновски додавајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот.
Тој целосно ги отфрла изјавите дека гласањето е етничко коментирајќи дека сите сме еднакви пред Уставот и законот, а тие се судии и одлуките треба да ги носат без оглед на националноста, социјалната положба, верата.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестира пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Децентрализацијата е темел на модерното управување, општините не смеат да бидат заложници на политиката
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Перспективи за унапредување на децентрализацијата и локалното управување“, во рамки на Годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација.
Во своето обраќање тој ја нагласи потребата од продолжување на процесот на децентрализација, јакнење на меѓуопштинската соработка, активната улога во ЗЕЛС и координацијата со државните институции во интерес на граѓаните.
„Без оглед на различните политички определби, јас верувам дека соработката меѓу централната и локалната власт мора да биде над дневната политика. Децентрализацијата е темел на современото управување, а општината е сервис на граѓаните, не место за политички блокади“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата и дека Општина Центар, како урбано и културно средиште, ќе биде главен домаќин на голем дел од програмските активности. Затоа, како што рече, е неопходно координирано делување меѓу градот, општините и извршната власт уште од раната фаза на планирање, бидејќи успехот на проектот зависи и од начинот на кој Центар ќе ја поддржи програмата што ќе ја претстави државата пред Европа.
Герасимовски ја нагласи и важноста на ЗЕЛС како клучен механизам преку кој градоначалниците ги доставуваат своите предлози и забелешки за закони и политики што директно ги засегаат општините.
Тој потсети на сите законски иницијативи што Општина Центар ги има доставено, меѓу кои предлог измените на Законот за градежно земјиште, иницијативата за измена на повеќе закони со цел општините поефикасно да се справуваат со малолетниот вандализам, прифатената измена на Законот за управување со конфискуван имот со што се овозможува пренамена на дивоградбите во објекти од јавен интерес, како и други предлози насочени кон јакнење на локалното управување.
Македонија
Ѓорѓиевски со Агелер: Само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела П. Агелер, која за првпат во својство на амбасадорка официјално го посети градот. На средбата присуствуваше и делегација од Амбасадата на САД, а разговорот се одвиваше во отворена, пријателска и конструктивна атмосфера.
Средбата, како што соопштија од таму, претставува значаен чекор во продлабочувањето на долгогодишното стратешко партнерство со САД, со фокус на институционалниот развој, економскиот напредок, борбата против корупцијата и создавање нови можности за граѓаните.
Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања.
„Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност.
Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува.
Разговаравме отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.
Се согласивме дека само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество.
САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер.
Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок.
Уверен сум дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје.
Продолжуваме заеднички да градиме силни врски, стабилност и перспективи, за Скопје што расте, се развива и го заслужува најдоброто“.
Македонија
Навивачи нападнале полицајци на влезот во спортската сала во Битола
На 10 декември, околу 18:45 часот, на влезот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги привеле П.Н. (20), Н.А. (24) и Д.М. (24), сите од Скопје.
При влегување на навивачка група од Скопје на ракометен натпревар бил нарушен јавниот ред и мир, при што тројцата физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
Подоцна, во 19:20 часот, на истиот влез, полициски службеници го привеле и Н.Ѓ. (34) од Битола поради агресивно однесување и повикување на насилство, со што исто така го нарушил јавниот ред и мир.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против сите инволвирани лица.

