Македонија
Левицата со кривична против Велјановски
Левица поднесе кривична пријава за Александар Велјановски од ДПМНЕ за кривично дело – Несовесно работење во службата, казниво по чл. 353 – в, од Кривичниот законик. Причината е тоа што насилникот Велјановски го прекрши Деловникот на Собранието и го прекрши уставното и законско право на говор на пратениците на Левица во однос на расправата за Законот за царинска управа, извести Левица.
„Ова се случи кого мнозинството поднесе измени на Законот за царинска управа, со кои се предвидува уште дополнително заменик-директорско место, коешто требаше да ги задоволи апетитите на коалицијата. Односно, покрај директорското место договорено за ДПМНЕ и заменик-директорското за ВРЕДИ, да се обезбеди уште една ваква позиција за да се задоволат апетитите на ЗНАМ.
Левица тогаш поднесе 2673 амандмани. Согласно Деловникот, матичната комисија и Законодавно-правната комисија, пратениците имаат рок за расправа од по три дена од отворањето на расправата. Но, спротивно на Деловникот, претседателот на Законодавно-правната комисија од ДПМНЕ Велјановски, кој воедно е и човекот кој во Собранието имаше обид физички да се пресмета со Димитар Апасиев, одлучи расправата да трае само петнаесет минути.
И покрај тоа што со новиот Деловник, практично е невозможно да се блокираат штетните закони од коалицијата на власт, насилникот Велјановски одлучи да го ускрати дури и правото на пратениците од опозицијата да го искажат своето мислење и образложат амандманите. Очекуваме институциите да се одважат по оваа пријава, затоа што во спротивно, ова би било поддршка за насилничкото носење на закони од власта, без никаква политичка или институционална контрола“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

