Регион
Двајцата повредени во несреќата во Нови Сад сè уште се во тешка состојба
Повредените при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, пациентот Ц. В. (18) и пациентката М. Т. (24), сè уште се на интензивна нега во Клиничкиот центар во Војводина и се во тешка, но стабилна здравствена состојба, соопштија денеска од КЦВ.
„Тие се свесни и дишат спонтано. Мултидисциплинарен консултативен тим од лекари, медицински сестри и здравствени техничари обезбедува комплексен интензивен третман со континуирано следење на виталните функции и психолошка поддршка, која е постојано присутна“, се вели во соопштението.
Во несреќа на 1 ноември загинаа 15 лица кога врз нив се урна армирано-бетонски натстрешник од неодамна реновираната зграда на железничката станица во Нови Сад, објави „Нова.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) „Мамо, успеав“: Токиќ се расплака по кандидатурата за претседател на Хрватска
Државната изборна комисија на Република Хрватска (ДИП) донесе одлуки за валидно предложени кандидатури за претседател на Република Хрватска.
На списокот на оние што ги собраа потребните 10.000 потписи и кои ќе се појават на гласачките ливчиња в недела на 29 декември се: Миро Буљ, Томислав Јоњиќ, Ивана Кекин, Бранка Лозо, Зоран Милановиќ, Драган Приморац, Марија Селак Распудиќ и Нико Токиќ-Картело.
ДИК ги објави имињата на кандидатите вчера во 16 часот, а од моментот на објавување на листата на кандидати, рокот за приговори, кој може да се достави до Државната изборна комисија најдоцна до петок, 13 декември, до 24 часот, почна да тече.
Токиќ-Картело се расплака пред камерите на „Нова ТВ“ по објавувањето на кандидатурата.
„Не можам да ви опишам колку сум среќен! Мамо, успеав, ќе бидам кандидат, ќе бидам претседател на Хрватска“, низ солзи вели Токиќ-Картело.
Тој рече дека деловните обврски ќе ги стави во втор план и дека сака да докаже дека претседателската функција не е само протоколарна и со малку ингеренции.
„Претседателот може да прави што сака, да ги обединува луѓето, да ја развива економијата, може да биде поддршка за луѓето што се во неволја. Подготвен сум за таков предизвик и Хрватска ќе добие претседател од чија функција ќе почнат промените“, рече тој.
Регион
Болтон: Со доаѓањето на Трамп на власт може да се врати опцијата за размена на територии
Поранешниот американски советник за национална безбедност, Џон Болтон, изјави дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт идејата за размена на територии меѓу Белград и Приштина може да се обнови.
Многу се зборуваше за размена на територија за време на претходниот мандат на Доналд Трамп, а Болтон за приштинскиот портал Teve 1 вели дека идејата му ја презентирал поранешниот британски премиер Тони Блер.
„Идејата за територијална размена меѓу Косово и Србија прв ми ја предложи поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер. Потоа разговарав за тоа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, сметав дека оваа опција е во интерес на стабилноста на Балканот“, рече тој.
Тој додава дека идејата за размена на територии бара подготвеност и на Белград и на Приштина, но оти смета дека тоа е опасност и за другите земји во регионот.
„Не може да се очекува од Соединетите Американски Држави сами да ги решат проблемите. Моето прашање е дали Косово и Србија се доволно решени да ги надминат своите проблеми“, заклучи Болтон.
Регион
(Видео) Деветкратниот убиец од Србија прогласен за виновен
22-годишниот Урош Блажиќ беше прогласен за виновен откога минатиот мај уби девет и рани 12 лица во селата Дубона и Мало Орашје. Изрекувањето на пресудата е во тек.
Урош се изјаснил за виновен, а бидејќи во моментот на делото имал помалку од 21 година, за стореното дело не е можно да се осуди на доживотен затвор, туку само на казна од 20 години. Обвинителството му ја предложи оваа казна на судот.
View this post on Instagram
„Обвинетиот Урош Блажиќ е виновен затоа што во неколку села, во разумна состојба, свесен за своите постапки и нивната забрана, при несовесно насилничко однесување зел и се обидел да им ги одземе животите на неколку лица, носел огнено оружје, муниција и мини експлозивни направи“, рече судијката Лидија Јовановски. Таа додаде дека убиецот е виновен и за киднапирање под закана за убиство.
Таткото на Урош, Радиша, исто така е прогласен за виновен бидејќи во неговото живеалиште чувал големо количество оружје и муниција, што неговиот син ги користел при повеќекратните убиства.
Крвавиот напад на Блажиќ во селата кај Младеновац се случи само еден ден по пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Блажиќ го почнал крвавиот поход во Мало Орашје, а потоа се упати кон Дубона. По масакрот, тој побегнал, а потрагата по него траеше до раните утрински часови кога бил пронајден на 50 километри во близина на Крагуевац.