Македонија
Претпладне облачно, во текот на денот сончево со мала облачност и претежно тивко
Претпладне ќе има појава на магла или ниска облачност по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Долж Повардарието ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 14 степени.
Во Скопје претпладне со услови за појава на магла, а во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела под влијание на влажен бран времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. На планините, а во недела и на некои од повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Во недела попладне и во понеделник ќе дува засилен северен ветер. Од понеделник времето ќе биде стабилно и суво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СВР Тетово уведува дека состојбата со возилата кај Маврово вечерва е ставена под контрола
Попладнево се создаде голем метеж и колони од автомобили по локалниот пат околу Мавровското езеро, но надлежните информираат дека ситуацијата е сега под контрола и сообраќајот се одвива нормално. Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, потврди дека ваквите состојби се обично присутни во периодите со зголемен број на туристи, кога и самата регулација на сообраќајот може да биде отежната.
„Вообичаено, во зимскиот период сообраќајот се регулира преку кружен тек околу езерото, но некои возачи не ја испочитуваа препораката и заглавиле при разминување“, изјави Реџепи.
Во меѓувреме, полициски службеници ги регулираат движењата од Бунец кон Леуново, пропуштајќи ги возилата наизменично. Состојбата беше објавена и на социјалните мрежи, каде што туристи и возачи изразија загриженост поради долгиот застој, кој траел и неколку часа.
СВР Тетово побара од ЈП Македонија Пат да испрати специјализирани возила за да го исчистат снегот и да го обезбедат подобар проток на возилата. Според најавите, се очекува до 21:30 часот ситуацијата да се подобри и сообраќајот да се одвива непречено.
Македонија
Граѓани со часови останаа заглавени во колони, премрзнаа враќајќи се од Маврово, дел се со деца
Голем број граѓани кои беа на скијање во Маврово денеска останаа заглавени со часови во километарски колони возила на патот Никофорово-Радика. Во некои од возилата има и мали деца, а возилата им остануваат без гориво.
„Фотографииве се тазе, денешни, вечерашни, сакаш да се вратиш во викендичка, ама те пренасочуваат да се враќаш од кај Леуново и Никифорово, цел круг околу езерото, оти нормални услови за движење од другата страна нема. Колоната е километарска, во недоглед, стоиш во место и не знаеш зошто? Ова го нема никаде, само овде кај нас, оти за жал системот не функционира како што треба“, велат во објавите на социјалните мрежи.
Доцна вечерва беше соопштено дека редиците колони започнале да се движат и дека набргу ќе се реши колапсот во сообраќајот.
Македонија
ДУИ: Албанскиот јазик е неприкосновено право, нема да дозволиме враќање назад
Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро ја осудува одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за ставање вето на законските измени кои предвидуваат двојазичност. Според ДУИ, оваа одлука претставува директен напад врз албанскиот јазик и правата на Албанците во Македонија.
„Ова не е изолиран инцидент, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на Вреди, Африм Гаши, настапи со изјава насочена против албанскиот јазик, подготвувајќи терен за овој чекор. Потоа, антиалбанскиот национализам се активираше за негирање и напаѓање на сè што е албанско“, наведуваат од ДУИ.
ДУИ смета дека ваквите потези не се само удар врз јазикот, туку и обид за враќање на Албанците назад и демонтирање на нивните тешко стекнати права. Според партијата, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на Вреди, следи реваншистичка, антиалбанска агенда која е опасна за соживотот и демократијата во земјата.
„Албанскиот јазик не е предмет за политичко поткусурување. Тој е уставно загарантирано право и составен дел од нашиот идентитет и достоинство. Нема да дозволиме оваа влада да го користи како инструмент за политички манипулации“, потенцираат од ДУИ.
ДУИ повикува на мобилизација на сите граѓани кои веруваат во соживот и демократски вредности, како и на сите Албанци во земјата, за да се спречат ваквите, како што велат, антиалбански стратегии.
„Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило. Албанците нема да дозволат нивните права да бидат избришани. Нашиот јазик е нашата иднина – и ќе го браниме по секоја цена!“ порачаа од партијата.
ДУИ ја предупредува власта дека ваквите потези не само што ја нарушуваат правната и демократската основа на државата, туку и ја загрозуваат стабилноста и соживотот во Македонија.