Македонија
Од скопско „тобако“ уништени речиси 2 тони небезбедна храна

По доставената иницијатива од граѓани за спроведување на вонреден инспекциски надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје, спроведе контрола во кај оператор со храна кој стопанисува со киосци (тобако), каде е затекнато поголемо количество небезбедна храна со поминат рок, извести АХВ.
За утврдениот прекршок инспекциските служби на Агенцијата издадоа решение за уништување на 1920 килограми небезбедната храна повлечена од неколку киосци со кои стопанисувал операторот. За сторениот прекршок, изречена е парична казна.
При спроведена вонредна инспекциска контрола во угостителски објект во Битола, затекната е небезбедна храна во количина од 241 килограм, која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена. За пуштање во промет на небезбедна храна на операторот изречена му е казна во висина од 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице во правниот субјект. Дополнително, на овој оператор со храна изречена му е и казна од 300 евра и 150 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице за неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените.
При редовен инспекциски надзор, во Охрид, со 1400 евра (1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице во правното лице) во денарска противвредност, казнет е маркет за пуштање во промет на небезбедна храна (сувомесни производи и мелено месо) кои биле без декларација и со поминат рок на употреба. Заради неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените, во Охрид, парично казнета е и месарница, соопшти АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.
Како што наведуваат од Општината, во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што в понеделник и во вторник, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд

Времето денеска претежно облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 21 степени
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²). Потоа во следните два дена времето ќе биде претежно стабилно. Дневната температура во текот на прогнозираниот период ќе биде за 8 до 10 степени пониска во однос на претходниот.