Македонија
Измама во Тетово: лекар и адвокати фалсификувале медицински извештаи за да наплатат осигурување
Тетовската полиција поднесе кривична пријава против И.Б.(52) – лекар во Клиничка болница Тетово, поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување на службена исправа и помагање во врска со измама, против Д.К.(35) и Н.Д.(34), двајцата адвокати, како и против А.Љ.(30), Б.Ф.(25), Н.А.(42), М.Д.(39), Т.Љ.(27), Т.М.(27), Б.Д.(29), С.Д. (21) сите од Тетово.
Првопријавениот, во неколку наврати креирал медицински извештаи со невистинита содржина во корист на други лица, кои биле употребени како доказен материјал во осигурителна компанија и на име на обештетување на нематеријална оштета, исплатиле на жиро сметките на пријавените М.Д., Н.А., С.Д., Т.М. и на Ш.Х., поединечно по 80.000 денари, додека на пријавените Б.Д., Т.Љ. и лицето М.Т. им биле исплатени поединечно по 70.000 денари.
Паричните средства на пријавените Д.М. и лицето Ш.Х. не се лично подигнати, туку од пријавениот Б.Ф., кој претходно зел полномошно за подигање на паричните средства од филијалата на банката и подоцна со полномошно се уплатени на жиро-сметката на пријавениот А.Л..
Пријавените адвокати, го сториле првото кривично дело „злоупотреба на службената положба“ во текот на септември и октомври 2023 година, на начин што полномошното не го добиле лично од странките, туку од пријавениот А.Љ. и извештаите ги доставиле до осигурителната компанија, врз основа на кое била исплатена оштетата на жиро-сметките на пријавените во износ од 610.000 денари.
Останатите пријавени, во текот на септември и октомври 2023 година, свесно ги ставиле на располагање своите лични податоци врз основа на кои било креирано полномошно за подигање на парични средства од филијала на банка во Тетово, врз чија основа биле фалсификувани медицински извештаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Водостоите на реките над просек, рекордни зголемувања кај Треска и Сатеска
Водостоите на речните текови во земјава денеска се значително повисоки од просекот за месец ноември, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Единствено кај реката Брегалница во Берово е измерен водостој понизок од просекот – 12 сантиметри, наспроти вообичаените 22.
Кај останатите реки се бележат зголемувања. Вардар кај Јегуновце и кај Велес има двојно повисоки вредности од просекот, додека кај Треска во Македонски Брод водостојот е осум пати поголем – од просек од 13 сантиметри на денешни 108.
Пчиња кај Катлановска Бања бележи трикратно зголемување – од 40 на 124 сантиметри, исто како и кај Бабуна во Богомила (од 14 на 42) и кај Црна Река во Новаци, каде водостојот скокнал од 65 на 246 сантиметри.

Најголемото отстапување е кај Сатеска во Ботун, каде водостојот е дванаесет пати над ноемврискиот просек, одноно од 5 на 64цм.
Кај природните езера има минимални зголемувања во однос на вчерашните мерења, но без поголеми отстапувања од просекот за ноември.
Температурата на Охридското Езеро утрово е 13,5 степени, на Преспанското 10,5, а на Дојранското 13 – сите во рамките на сезонскиот просек.
Македонија
Маж ја силувал поранешната девојка, ОЈО бара притвор
Основното јавно обвинителство Гевгелија соопшти дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „Полов напад и силување“. Според обвинителството, постои основано сомнение дека на 19 ноември осомничениот, со употреба на сила и спротивно на јасно изразената волја на оштетената, ја принудил на сексуален однос.
-Жртвата, со која претходно биле во подолга врска која таа ја прекинала, ја пречекал пред работното место и ја викнал да влезе во кола за да разговараат и да ја однесе дома. Но наместо тоа, со автомобилот свртел по полски пат, па во возилото ја удирал по лицето и и се заканувал дека не смее да биде во врска со друг. Кога застанал, оштетената излегла од автомобилот, но тој со шлаканици и боксови ја вратил во возилото и ја принудил на полов однос на кој таа постојано се спротивставувала, стои во соопштението од ЈОРСМ.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Пакуван помфрит со поминат рок требало да се продава на македонскиот пазар, АХВ го спречи увозот и го уништи
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, 23.05.2025 година. Компирот, увоз од Холандија, бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, стои во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат и дека во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, наведуваат од Агенцијата.
Додаваат дека во раки на редовните и вонредните инспекциски контроли на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, АХВ продолжува со спроведување на мерки за заштита на граѓаните од консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје, и за заштита на здравјето и благосостојбата на животните.

