Македонија
Обвинителството бара притвор за Груби и Бајрами поради проневера во Државна лотарија, двајцата не се во државата
Обвинителството бара притвор за директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер, Артан Груби, поради проневера во Државна лотарија. Според информациите од Обвинителството, барањето е со цел, притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето на двајцата осомничени кои во моментот не се во државата и нивно приведување.
Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ лани, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија” на 9 мај 2023 година електронски до Владата, во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на “Државна лотарија”, а не од Собранието на акционери. Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – “Касинос Аустрија” ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што “Државната лотарија” се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со “Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека “Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
На седницата била усвоена информацијата и „Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови. По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа. За четворицата осомничени од комисијата во “Државната лотарија”, надлежниот јавен обвинител до Судот ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

