Македонија
Андоновски го посети новиот Центар за услуги во општина Јегуновце
Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, ја посетија новата канцеларија за административни услуги за која пред неколку месеци беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу двете институции.
„Денес во Општина Јегуновце го посетивме новиот Центар за услуги – наменет за жителите на Јегуновце и сите околни населени места. Со новиот Центар, околу 10.000 жители на Јегуновце и околината ќе имаат можност брзо и ефикасно да ги завршат своите административни потреби на едно место, без непотребни чекања и губење време. Овде ќе бидат достапни услуги од различни институции како Агенцијата за вработување, МВР, Фонд за здравство, Централен регистар, Управата за јавни приходи, и многу други“, истакна Андоновски.
Во контекст на чекорите кои оваа Влада ги презема во насока на подобри, поефикасни и подостапни услуги за сите граѓани посочи дека ова е еден од начините кој ќе им овозможи на грѓаните побрз пристап до административните услуги, без да одат од една до друга институција.
„Нашата цел не е само да отвораме нови објекти, туку истите да ги доближиме до граѓаните. Тоа ќе овозможи поедноставен и побрз пристап до сите административни услуги. Идејата е во иднина преку платформата за интероперабилност и дигитализацијата на регистрите, прифаќањето на електронските документи од институциите – граѓаните да можат да завршат се што им е потребно на едно место, без да трчаат од институција до институција“.
Тој додаде дека во минатото се отварале и центри кои не го дале посакуваниот ефект, и тоа го покажува и ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. Но, и дека со подобра организација и соодветно лоцирање на ваквите центри граѓаните ќе имаат корист од истите.
„Минатото покажа дека центри како овие не беа секогаш ефикасни. Но, со подобра организација, соодветно лоцирање на центрите и обуки за службениците, ќе им помогнеме на граѓаните и за услугите на шалтер, и за користење на електронскиот портал. Со отворањето на оваа канцеларија во Јегуновце, граѓаните добиваат побрз и поедноставен пристап до услуги, се намалуваат бирократските процедури и административните трошоци и времето поминато во патување во Тетово или Скопје. Ова е само почеток. Ветуваме дека ќе продолжиме да работиме неуморно за секој граѓанин, во секое село и секој град. Целта е јасна, администрација што навистина работи за граѓаните, со ефикасност, транспарентност и достапност“, заклучи министерот Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

