Македонија
Спречени обиди за шверцување компјутерска опрема за рударење крипто-средства, суплементи, парфеми од познати трговски марки

Во текот на минатата недела царинските службеници и мобилните тимови спречија обиди за шверцување разна стока, при што е запленета компјутерска опрема наменета за рударење крипто-средства, суплементи, парфеми со потпис на познати модни брендови, ладилник за товарно возило, облека, а спречен беше и обид за нелегално внесување птици.
Во продолжение детали:
– Специјализирана компјутерска опрема наменета за рударење крипто-средства е запленета по извршена контрола на автомобил на влез во државата на граничниот премин Блаце.
– Спречен обид за шверцување 8,26 килограми (19 кутии по 60 кесички) Unicity Balance, суплементи, во вредност од 228 илјади денари, што Службата за мобилни скенери ги пронајде во кабина на камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце.
– 173 парфеми со потпис на познатите трговски марки „Том Форд“, „Версаче“, „Армани“ и други се пронајдени во шест картонски кутии сместени на горниот кревет во кабината на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран.
– Царински службеници на влез во државата на граничен премин Дојран спречија обид за шверцување ладилник за товарно возило. Непријавениот ладилник е откриен во просторот за палети на камион со бугарски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин.
– Разни производи, меѓу кои фрижидер, стоматолошки стол и кафемат се откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската филијала во Тетово.
– Царински службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на машина и опрема за водоводни цевки. Истите се откриени при контрола на автомобил со грчки регистарски таблички со кој управувал македонски државјанин.
– Машина за потреби во текстилна индустрија, откриена од страна на мобилните царински тимови, пронајдена на креветот во кабината на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце, автопат.
– 160 пара облека од брендовите „Бос“ и „Левис“, но и 930 парчиња нашивни надворешни текстилни етикети, со ознака на брендот DSQ2, се пронајдени во преграда за алат и под креветот во кабината на камион управуван од албански државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце.
– Службата за мобилни скенери при контрола на два камиона управувани од македонски државјани, на влез во државата на граничниот премин Табановце, откри непријавени 50 килограми боја и повеќе кутии со средства за полирање возила.
– На влез во државата на граничниот премин Табановце мобилен тим при контрола на автобус откри 26 белгиски канаринци и 4 вреќи со храна за птици. Македонски државјанин што патувал со автобусот сакал нелегално да ги внесе во државата, без соодветни дозволи и документи.
– Спречено шверцување 28 штеки цигари на граничните премини Дојран и Богородица. Притоа 10 штеки цигари без акцизни маркички се пронајдени во прегради во кабината на камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Другите 18 штеки цигари без акцизни маркички се пронајдени во внатрешноста на бандажот на резервно тркало на камион управуван од македонски државјанин на влез во државата на граничниот премин Богородица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.