Македонија
„Визер“ почнува со продажба на авиобилети за Барселона, Лион и Штутгарт од скопскиот аеродром
По денешната средба меѓу генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, и управниот директор на „Визер“, Роланд Тишнер, билетите за трите нови авиолинии од Меѓународниот аеродром „Скопје“ до Барселона, Лион и Штутгарт се официјално во продажба на веб-страницата на „Визер“.
Патниците на скопскиот аеродром од 2025 година може лесно да стигнат и да ја истражуваат Барселона, раздвижениот град познат по својата уникатна архитектура, богата историја и живописна култура; Лион, познат по својата кулинарска извонредност и историска значајност и задолжителна дестинација за љубителите на храна и љубителите на културата; и Штутгарт, познат по автомобилската индустрија и прекрасните паркови, кој нуди спој на современост и традиција; а гостите од овие европски градови може да ги истражуваат природата, историјата и кулинарството на Скопје и Северна Македонија.
„Како ТАВ-аеродроми, воодушевени сме што можеме да го објавиме враќањето на Барселона како дестинација за одмор од скопскиот аеродром од 3 мај 2025 година, на која ќе сообраќа ‘Визер’, особено затоа што тоа беше најпосакуваната рута од нашите патници. Дополнително, освен до Барселона, ‘Визер’ в година ќе ги воведе и Лион и Штутгарт како нови дестинации од скопскиот аеродром, што ќе биде предност за сите бидејќи со ова се проширува мрежата на дестинации од скопскиот аеродром, мапата на авиолинии на ‘Визер’, како и опциите за патување за секој авантурист. Преку ова проширување на мрежата на авиолинии со нетрпение очекуваме и целиме кон понуда на поголема удобност и подобрување на поврзувањето за нашите патници со светот“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Новите авиолинии од/до Барселона и Лион ќе бидат оперативни почнувајќи од мај 2025 година нудејќи им на патниците возбудливи можности да ги истражуваат енергичните европски градови по пристапни цени во претстојното лето. Директните летови до/од Штутгарт почнуваат да сообраќаат од септември 2025 година.
„Овие нови авиолинии од Скопје ја истакнуваат нашата посветеност да нудиме удобни и достапни опции за патување за нашите патници“, изјави Роланд Тишнер, управен директор на „Визер Унгарија“.
„Возбудени сме што можеме да ја диверзифицираме нашата мрежа и да го поврземе Скопје со популарните дестинации, како што се Барселона, Лион и Штутгарт. Овие нови конекции ќе им овозможат на патниците да истражуваат нови возбудливи локации и да се впуштат во незаборавни авантури истовремено нудејќи им можност на туристите од Западна Европа да ги откријат скриените убавини на Северна Македонија“.
Резервациите за трите нови дестинации достапни од Меѓународниот аеродром „Скопје“ се отворени од денеска, летовите ќе почнат на 3 мај 2025 година (Барселона) и ќе сообраќаат секој вторник и сабота, на 1 мај 2025 година (Лион), со летови закажани за вторник, четврток и сабота, а летовите до Штутгарт ќе почнат да сообраќаат на 29 септември 2025 година, со летови трипати неделно, понеделник, среда и петок.
Летовите до новите дестинации од Меѓународниот аеродром „Скопје“ може да се резервираат на официјалната веб-страница на „Визер“ и преку мобилната апликација на авиокомпанијата. Основните цени почнуваат од 24,99 евра за Штутгарт и 29,99 евра за Лион. Летовите од Скопје до Барселона се достапни за цена од 31,99 евро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

