Македонија
Терористичката организација oд Гостивар планирала напади во Македонија за новогодишните празници, соопшти МВР
Полицијата поднесе кривична пријава против четири лица, од кои три од Гостивар и едно од Струга, за терористичката организација по идеолошката матрица на ИСИС.
Осомничениот гостиварец Г. М. на почетокот на годината создал терористичка организација, во која членуваат Х. Б., Р. С. и Т. М., како и уште неколку засега непознати лица, па сите заедно формирале терористичка организација – ќелија со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС со намера за изведување терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територијата на Македонија, објави МВР.
Г. М. формирал повеќе групи на „Телеграм“, во кои споделувал материјали на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи, кои потоа требало да ги искористат за извршување терористички напади. Х. Б., Р. С. и Т. М. членувале во некои од телеграм-групите, каде што се споделувале преведени материјали, кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Во домот на Г. М. пронајдено е оружје, два лаптопа, полнач за лаптоп, два мобилни телефона, кои се доставени до Обвинителството.
„По извршената анализа на обезбедените електронски докази содржани во телефонот на Г. М., утврдено е дека тој формира и координира активности во својство на војник на ИСИС, Исламската држава за медиумска промоција и заштита на терористичката организација, со намена за албанското говорно подрачје. Активностите се одвиваат главно на социјалната мрежа ‘Телеграм’, при што Г. М. користи телеграм-профили со кои формира и администрира повеќе телеграм-групи за организација и преработка на материјали преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС, како што се: AL-Hayat Media Center (официјален медиум на ИСИС), EN-Nebe (официјален весник на ИСИС) и Al-Bayan-Radio (официјален радиоканал на ИСИС). Исто така, Г. М. формира неколку други телеграм-групи, во кои координира активности за ширење на агендата на ИСИС. Г. М. набавил повеќе фотографии, со кои се поттикнува извршување терористички акти за време на новогодишните и божиќните празници со намера да ги сподели во телеграм-групите што ги формирал за да поттикне извршување терористички напади“, велат од полицијата.
Врз основа на добиени наредби за претрес на дом, на 15.12.2024 извршен е претрес во домот и во други простории кај лицата, при што пронајдени и одземени се повеќе мобилни телефони, лаптоп и десктоп-компјутери, таблет, преносна меморија, видеорекордер, разна документација, листови хартија со натписи на арапски и албански јазик, прстен со амблем на ИСИС, книги со литература на арапски јазик и друго.
Истиот ден сите лица се лишени од слобода и на 16.12.2024 се изнесени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: Нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица и околу 200 беа повредени продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт покрај тоа што судот им го испратил нив како бранители официјално да им го испрати и на обвинетите, оти како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откако не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска Илиевска побара оштетените да се изјаснат за оштетни побарувања. Но и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со мејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за оштетни побарувања.
Иако судијката Груевска Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостатокот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.
Македонија
Следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од денеска во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

