Македонија
Најладно во Берово и Тетово, најмногу снег на Попова Шапка

Утрово најладно било во Берово и Тетово каде што се измерени -3 степени, -2 било во Скопје-Петровец, Битола и Струмица, -1 во Демир Капија, Куманово, Велес, Дебар и Маврови Анови, 0 во Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, Крива Паланка, Прилеп, Штип, Кавадарци и Гевгелија, 3 во Виница и Крушево.
Висината на снежната покривка утрово во 7 часот била 34 сантиметри на Попова Шапка и 25 во Маврови Анови.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Променливо облачно со слаб ветер од променлив правец. Утрово од север облачноста се намалува, а појава на магла со намалена видливост има во Демир Капија (до 50м) и во источниот дел од Скопската Котлина (до 300м).
Времето денеска
Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла, а преку денот ќе преовладува сончево време со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје претпладне во делови од котлината со појава на магла, а преку денот сончево со мала облачност и слаб јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Митева: Обвинувањата на СДСМ за софтверот на МВР се ноторна лага

Портпаролката на Владата, Марија Митева, ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување.
Според Митева, се’ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ“, кажа Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.