Македонија
ДУИ: Нашите министри предложија закон кој воведува строги ограничувања за лицата на црната листа на САД, предлог-законот беше блокиран од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“
„ДУИ отсекогаш била посветена на отчетноста и транспарентноста на сите нивоа во јавниот живот. Токму поради ова, за време на нашето учество во Владата до мај оваа година, нашите министри предложија прогресивен закон кој воведува строги ограничувања за лица ставени на „црната листа“ на САД поради корупција“, велат од ДУИ.
„Овој закон имаше за цел да ги спречи овие лица да учествуваат на избори и во процесите на јавни набавки – важен чекор за заштита на демократските процеси и јавната доверба.
Сепак, последните настани донесоа бран политички напади кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), при што одредени политички актери се обидуваат да ја искористат ситуацијата за свои цели.
Важно е да ја разјасниме вистината со транспарентност и одлучност. И покрај оваа јасна посветеност на отчетноста, предлог-законот беше блокиран во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ.
Токму овие актери денес се на чело на нападите против ДУИ, обвинувајќи нè за пропусти во области каде што ние бевме првите кои предложивме конкретни реформи.
Оваа хипокризија е очигледна: тие што го спречија усвојувањето на построги мерки се истите што денес претендираат да имаат морална надмоќ.
Нивните постапки во Собранието ја противречат нивната реторика, поставувајќи сериозни прашања за нивниот кредибилитет и мотиви.
ДУИ не е совршена, ниту пак тврди дека е. Учиме од предизвиците со кои се соочуваме и се трудиме да се подобриме во служба на граѓаните. Сепак, ги отфрламе политичките кампањи мотивирани од двојни стандарди. Нашето досегашно делување зборува само за себе: додека другите избираа да ги блокираат реформите, ние бевме иницијатори и поддржувачи на истите.
ДУИ останува посветена на унапредување на реформите, зајакнување на отчетноста и продолжување на напорите за просперитетно, инклузивно и демократско општество“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

