Македонија
Кривична пријава против управителот и правното лице „Балкан марбле индустриес“ за даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Oсновното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Б. С. во својство на управител и против правното лице „Балкан марбле индустриес“ ДООЕЛ Скопје поради основано сомнение за сторени кривични дела даночно затајување од член 279 став 2 и став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 45 од КЗ и пријавеното правно лице од Скопје го извршило кривичното дело даночно затајување од член 279 став 4 во врска со став 1, а во врска со член 45 од КЗ.
Имено, пријавениот Б. С., како управител на правното лице, во периодот од 1.1.2013 година, заклучно со 31.12.2020 година, со намера да избегне плаќање данок на добивка за пријавеното правно лице од Скопје, и покрај тоа што не ги вратил примените парични средства на име аванси примени од пет странски правни лица, во вкупен износ од 308.714.994 денари (5.019.756 евра), пријавениот не ги отпишал застарените обврски на пријавеното правно лице по основ на претходно наведените аванси, кои се постари од три години, со што примените аванси не ги прикажал како приходи во даночните биланси на пријавеното правно лице за периодот од 2016 година заклучно со 2020 година, а кој податок бил од влијание за утврдување на ваквите обврски.
Поради тоа, дошло до намалување на даночната обврска за пресметка на данок на добивка, со што пријавениот не пријавил и не платил данок на добивка по пресметковна стапка од 10 % во вкупен износ од 19.831.372 денара.
На тој начин пријавениот Б. С. го извршил кривичното дело даночно затајување од член 279 став 2 и став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 45 од КЗ и пријавеното правно лице од Скопје го извршило кривичното дело даночно затајување од член 279 став 4 во врска со став 1, а во врска со член 45 од КЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ за одлуката за плаќање ДДВ за пратки под 22 евра од странство: До евтините пратки ли и дојде на власта?

Власта донела одлука од 1 ноември, граѓаните да мора да плаќаат ДДВ и за најмалите порачки од странство и тоа за пратки под 22 евра. Па до евтините пратки кои луѓето ги нарачуваат и ги плаќаат скромно ли и дојде на власта?, прашуваат од СДСМ.
„Наместо да ги заштитат интересите на обичниот човек, на младите и семејствата кои преку интернет нарачуваат евтино, Мицкоски и неговата влада избраа да им го олеснат џебот дополнително. Мора ли оваа власт да го дере народот, кај ќе стигне за се и сешто? Зошто се удира по џебот на граѓаните и се ускратува можностада купуваат поевтино онлај? Или Мицкоски до толку е седнат во скутот на олигарсите па удира по народот за да им обезбеди профити по секоја цена?“, прашуваат од СДСМ.
Според партијата, уште еднаш се потврдува дека за Мицкоски и ДПМНЕ профитот на неколкумина моќници и олигарси е поважен од стандардот на народот.
„Ова е уште еден удар врз граѓаните во време кога цените растат, платите мируваат, а економијата е во пад. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја претвора Македонија во земја каде што богатите стануваат побогати, а обичниот човек плаќа за нивниот луксуз додека не може да врзе крај со крај“, велат од СДСМ.
Македонија
Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица против АВМУ

Управниот Суд, на седницата одржана на 6 октомври, донесе Решение со кое ја отфрли тужбата на политичката партија Левица за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соошшти АВМУ.
„Во образложението на Решението на Управниот суд, меѓу другото е наведено дека Агенцијата „во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик“. Имено, со донесеното Упатство се појаснува начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање, распределба на времето во вестите кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и за обезбедување пристапност на содржините за изборниот процес“, се наведува во соопштението.
Со ова, велат од АВМУ, како и со претходно донесеното Решение на Основниот граѓански суд – со кое како неоснован се одбива предлогот на политичката партија Левица за издавање привремена мерка за забрана на доставување на Упатството до комерцијалните медиуми, како и за доставување на извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање до ДИК, само уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и професионално ги спроведува законските решенија.
Македонија
Обвинение за омраза кон директорот на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија: Извикувал нацистички поздрави и пцуел на германски јазик

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Во спроведената претходна постапка, јавниот обвинител обезбеди докази со кои се потврдува основаноста на сомненијата дека обвинетиот го извршил делото кон припадник на еврејската заедница – директор на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија.
На 26.12.2024 година, пред просториите на Фондот на улицата „11-ти Март“ во Скопје, додека оштетениот ги извршувал своите работни задачи, пред влезот поминал обвинетиот кој бил агресивен. Тој со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик.
Потоа се обидел да замине, но оштетениот веднаш пристапил кон полициското возило во близина и го пријавил. Кога полициските службеници му пристапиле на обвинетиот 59-годишник за да го легитимираат, тој продолжил да се заканува, па оштетениот почувствувал загрозување, несигурност и страв и се повлекол во просториите на музејот.