Македонија
За пејачи и изведувачи општините трошат 1 милион евра годишно, најскапо платена годинава е Северина, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за трошоците на општините за забавни манифестации.
Истражувањето покажа дека само од јануари до октомври годинава општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра. До крајот на 2024 година се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.
Лани за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра.

Најскапо платена годинава е Северина за која Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава, најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра за два настапа – во Берово и Штип.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил речиси 26 илјади евра.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавните набавки.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување празници (Нова година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.), ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патниот правец Куманово – Крива Паланка, до 100 метри на патните правци Делчево – Македонска Каменица и Катланово – Велес и од 100 – 150 метри на патните правци Градско – Неготино и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.

