Македонија
Изготвен водич за ништење на податоците собрани со посебните истражни мерки
Процедурите за чување и ништење податоци собрани со посебни истражни мерки (ПИМ) се систематизирани и развиени во новоизготвениот водич, кој ги зема предвид меѓународните стандарди за чување и ништење податоци собрани со ПИМ, предизвиците, пречките и ограничувањата што би можеле евентуално да го спречат складирањето и ништењето на ваквите податоци, но ги определува и лицата/субјектите што треба да бидат вклучени во процесот на ништење, нивните улоги, должностите, обврските и задачите, соопшти Обвинителството.
Водичот беше развиен на барање на Основниот кривичен суд Скопје во согласност со препораките дадени од Агенцијата за заштита на личните податоци во рамките на спроведените супервизии од областа на следењето на комуникациите.
Во групата експерти од правосудниот сектор, кои учествуваа како автори во изготвувањето на водичот, беа и јавниот обвинител Ермон Незири, член на Советот на јавните обвинители, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, јавната обвинителка во Вишото јавно обвинителство Скопје, Наташа Сарамандова, како и јавните обвинители од ОЈО ГОКК и од ОЈО Скопје, Верица Бержецка-Крстева, Енѓелуше Леши-Кадриу и Спасенка Андонова. Освен нив, во изготвувањето учествуваа и судии, адвокати, универзитетски професори, претставници од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за правда, од Агенцијата за заштита на личните податоци, од Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации и од Државниот архив на Република Северна Македонија.
Идејата за креирање водич за ништење податоци собрани со посебни истражни мерки произлезе од потребата да се утврдат прецизни насоки, кои подетаљно ќе го уредат процесот на ништење на материјалите од спроведените мерки. Поради нивната содржинска и персонална неселективност, податоците содржани во овие материјали вообичаено навлегуваат во приватноста не само на личноста кон која се насочени туку и кон лицата од нејзиното приватно или професионално опкружување. Од тие причини, прашањето за ништење е исклучително важно независно дали се ништат откако целта на нивното собирање е постигната (послужиле како доказ во кривичната постапка) или поради тоа што тие податоци немаат значење за водење на постапката. И во двата случаја станува збор за податоци што евентуално би можеле да претставуваат потенцијална опасност во смисла на можни злоупотреби доколку тие не се третираат со внимание. Нивното ништење претставува законска обврска за која се предвидени и конкретни временски рокови.
Водичот беше развиен во работилниците организирани од јуни 2023 година до јули 2024 година во рамките на Програмата за реформа на разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија, спроведувана од ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор и финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), Министерството за надворешни работи на Холандија и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА).
Програмата, меѓу другото, им помага на правосудните институции и на правните практичари за јакнење на нивните капацитети и експертиза потребни за доследно спроведување на процесот на барање и судско одобрување на посебните истражни мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

