Македонија
Фетаи: Борбата против корупцијата – клучен приоритет во патот на Северна Македонија кон ЕУ
Вицепремиерот Арбен Фетаи, одржа воведно обраќање при презентирањето на Првото упатство за интегрирање на мерките против корупција во поглавјата и кластерите на преговорите со Европската унија.
Овој проект, поддржан од Владата на Шведска и имплементиран од страна на UNOPS, е важен чекор во напредокот на нашата реформска агенда.
Потпретседателот Фетаи истакна дека борбата против корупцијата е врвен стратешки приоритет за Владата на Северна Македонија, со фокус на зајакнување на механизмите за спречување и справување со неа на сите нивоа.
Преку ова упатство Владата има за цел: зајакнување на институционалните капацитети за идентификување и справување со ризиците од корупција; создавање на модел на набљудувачки центар за следење на случаите на корупција, базиран на најдобрите практики на земјите-членки на ЕУ; изградба на унифициран пристап на Владата и стандардизирани мерки кои ќе ги зајакнат транспарентноста, интегритетот и отчетноста.
Фетали вели дека овие чекори се од клучно значење за приближување на Северна Македонија до стандардите на ЕУ и за враќање на довербата на граѓаните во државните институции.
Тој им се заблагодари на владата на Шведска и на UNOPS за нивната постојана поддршка, како и на сите оние кои придонесуваат во овој трансформативен процес за гарантирање на европска иднина за нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите на кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците ја оценија тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката му се заблагодари на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддаде признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции двајцата ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.
Македонија
Герасимовски го доби уверението за втор мандат: Продолжуваме да работиме за сите центарци
Денеска, официјално им беа врачени уверенијата за втор мандат на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и на советниците кои во следните четири години заеднички ќе ги носат сите проекти за развој на општината.
„Честа да се води Општина Центар повторно ми ја дадоа граѓаните, а тоа е најголемата обврска и мотивација. Во вториот мандат остануваме посветени на проектите што ја прават општината пофункционална, поздрава и подобра за живеење. Ќе продолжиме со политики кои носат реални промени, со транспарентно и одговорно работење во интерес на сите жители на Центар. На советниците им посакувам многу успех и заеднички да продолжиме кон поубав развој на општината“, вели Герасимовски.

