Македонија
Арапска земја го има најмоќниот пасош во светот, а како е рангирана Македонија

Како и секоја година, објавено е рангирањето на најмоќните пасоши за 2024 година, а Обединетите Арапски Емирати четврти пат по ред се на првото место.
Македонскиот пасош е на средината на листата, а ако се спореди со земјите од Балканот кои не се членки на ЕУ, нашиот пасош е зад српскиот, а пред албанскиот, турскиот, косовскиот и оние на БиХ и Црна Гора. Пасошите на Грција, Бугарија и Хрватска се далеку повисоко рангирани.
Овој глобален индекс го мери бројот на земји во кои граѓаните може да патуваат без виза, а граѓаните на ОАЕ имаат пристап до импресивни 133 земји без визи и дополнителни 47 земји со виза по пристигнувањето, што покрива повеќе од 90 отсто од светот.
Шпанија ја престигна Германија и стана втор најмоќен пасош, а Финска забележа раст и го зазеде третото место заедно со Франција, Германија, Белгија, Италија, Данска, Холандија, Луксембург, Австрија, Португалија, Норвешка, Швајцарија, Грција и Ирска.
Четвртото место го делат Шведска, Полска и Унгарија, а петти се Чешка, Јужна Кореја, Естонија, Хрватска и Словачка.
На шестото место се Јапонија, Словенија, Летонија, Нов Зеланд и Лихтенштајн.
На седмото место се Сингапур, Малта, Обединетото Кралство, Канада, Литванија, Романија, Бугарија и Австралија.
Пасошот на Македонија заедно со Ел Салвадор, Гватемала и Тајван е на 34. место.
Најмоќните пасоши за 2024 година:
1. Обединети Арапски Емирати
2. Шпанија
3. Финска, Франција, Германија, Белгија, Италија, Данска, Холандија, Луксембург, Австрија, Португалија, Норвешка, Швајцарија, Грција, Ирска
4. Шведска, Полска, Унгарија
5. Чешка, Јужна Кореја, Естонија, Хрватска, Словачка
6. Јапонија, Словенија, Латвија, Нов Зеланд, Лихтенштајн
7. Сингапур, Малта, Обединетото Кралство, Канада, Литванија, Романија, Бугарија, Австралија
8. САД и Исланд
9. Кипар
10. Малезија и Монако
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карпош и Кисела Вода денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Бриселска, општина Карпош;
– во периодот од 09.35 до 12.00 часот, корисниците од улиците Студеничанска и Драчевска, како и корисниците од реонот кој гравитира кон улицата Јустинијан Први, општина Кисела Вода.
Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.