Македонија
„Влен“: Со ДУИ нон грата здраството беше во клиничка смрт
Партиjата нон грата ДУИ, оваа лоша копија на Груевски, во својот очај како изолирана партија, ги користи и најболните случаи само за да го нахрани сопственото гнасно его, велат од коалицијата „Влен“.
„Станува збор за истата партија која поради својата корумпираност предизвика смрт на 14 граѓани во модуларната болница во Тетово. Ова е истата партија која две децении држеше во неизвесност илјадници здравствени работници, држејќи ги на привремени договори и користејќи ги како изборни алатки.
Но, со Таравари задолжен за здравство, оваа срамна практика завршува! Завршува нивната неизвесност, почнувајќи од систематизацијата на над 1.000 здраствени работници!
Фактите не лажат. Откако ВЛЕН ја презеде одговорноста за здраството, работите почнаа да се менуваат. За прв пат по 15 години е ажурирана позитивната листа на лекови, со што се олеснува товарот на илјадници пациенти. Само годинава, благодарение на заложбата на министерот Арбен Таравари, се примени 300 нови специјализанти, а следната година ќе бидат примени уште 300.
Знаете ли како беше Детската клиника кога ДУИ нон грата беше на власт? Вистинска катастрофа! Без основна опрема, со нехумани услови и уништени кујни. Но, само шест месеци новиот директор Реџеп Мемеди со незапирлива работа ја крева Клиниката на нозе.
ДУИ нон грата го остави здравството во “клиничка смрт“, но сега се враќа во живот, благодарение на посветеноста и визијата на Таравари.
Граѓаните ја видоа разликата, тие што уништуваат и тие што градат“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

