Македонија
Утрово, најладно во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
Утрово најладно било во Берово каде што се измерени -7 степени, -6 се измерени во Попова Шапка, -5 во Скопје-Петровец, -4 во Крива Паланка, Битола, Велес, Демир Капија и Струмица, -3 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Штип, Кавадарци и Гевгелија, -2 во Прилеп, Маврови Анови, Крушево, -1 во Виница, 1 во Претор, 2 во Охрид.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово била 33 сантиметри на Попова Шапка и 28 Маврови Анови.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Во првата половина од ноќта во најголем дел од земјава беше ведро, во југозападните делови умерено до значително облачно. Во втората половина облачноста постепено се зголемуваше. Утрово времето е променливо облачно, во крајните југоисточни делови со сончеви периоди, а по одделни котлини има појава на слаба магла. Дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Времето денеска
Облачно и студено со врнежи од дожд и снег во пониските, а на планините и повисоките места од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните југоисточни делови (над 25 l/m2). На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а помала снежна покривка ќе се формира и во некои од пониските места. Ќе дува умерен до засилен јужен, а во текот на ноќта засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне од 2 до 6 степени.
Во Скопје облачно и студено со врнежи од дожд. Попладне во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува умерен југоисточен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 4 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.

