Македонија
Забранет сообраќај за тешки товарни возила на Ѓавато и на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Од 07:00 часот се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато.
Активна забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на патниот правец Тетово – Попова Шапка.
Во 06:00 часот на патениот правец Гостивар-Маврово-Дебар и обратно, се укинува забраната за движење на ТМВ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
НБРМ: Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен
Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2024 година. Исто така, Советот донесе нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот. Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризиците на банкарскиот сектор и натаму се стабилни, а стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет за справување со шокови. Стапката на адекватност на капиталот се задржа на нивото од 19%, коешто е највисоко во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Во третиот квартал од годината банките работеа во услови на позначително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но ризиците од окружувањето сѐ уште постојат и е потребно нивно натамошно внимателно следење и претпазливост во водењето на политиките заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во следниот период.
Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи одржување на кредитниот раст, но и зголемување на ликвидните средства на банките. Притоа, забрза годишниот раст на депозитите искачувајќи се до нивото од 7,9%, во кој преовладува долгорочното штедење, како и денарските депозити, поттикнато и од мерките на Народната банка за поддршка на денаризацијата и штедењето на подолг рок. Се забележува забрзување на годишниот раст кај кредитирањето до 7,5%, додека резултатите од Анкетата за кредитната активност во третиот квартал од 2024 година укажуваат на натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови и нето-зголемување на кредитната побарувачка, и кај двата сектора − претпријатијата и домаќинствата.
Советот, како што е нагласено во информацијата, усвои и измени на регулативата за сметководство и финансиско известување за банките и штедилниците заради спроведување на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување („МСФИ“) 16 „Наеми“ и усогласување со важечките МСФИ, објавени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди.
Разгледани се и повеќе други прашања поврзани со работењето и сегашните активности на централната банка, а ги донесе и Финансискиот план и Планот за инвестициите на Народната банка.
Македонија
Дијабетичарите незадоволни: Буџетот не може да ги покрие потребите од инсулин, бараме вклучување во дефинирање на тендерот
Сојузот на Здруженија на лица со дијабетес на Северна Македонија (СЗДСМ), во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, изрази огромно незадоволство од усвоениот Буџет во делот за програмата за инсулинска терапија.
Од тука велат дека сумата од 860 милиони денари е оставена иста како и претходната година, а во 2025 очекуваат распишување на нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027, а добиле и ветувања и од нинистерот за здравство, Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM сензори и инсулински пумпи) кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.
„Со ваков буџет нема да можат да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала кои веќе се достапни во земјите околу нас – Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Согласно искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година во година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства. Како Сојуз семе загрижени дека, поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8 проценти од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има недијагностицирани уште минимум 2 до 3 проценти). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за да оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот“, велат од Сојузот во писмо адресирано до Владата и Министерството за здравство.
Апелираат до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нивните потреби и очекувања и да го запазат континуитетот во подоврувањето на третманот на пациентите. Бараат активно да бидат вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер – нивни претставници да бидат дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес.
Во спротивно, како што најавија, Сојузот, локалните здруженија, ќе ги организира сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства, во активно покажување на нашиот револт пред здравствените и владините институции во земјата.
Дополнително, ќе ги известат сите меѓународни здравствени институции на Европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во Македонија, како и за не обезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес.
Македонија
СДСМ бара повлекување на Законот за основно образование: „Се брише родовиот идентитет и води кон враќање на специјални училишта“
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, повика на повлекување на Законот за основно образование, којшто според партијата врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти.
„Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела. Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост“, рече Николова.
Владата не го прифати намандманот на СДСМ за вработување на образовните асистенти на неопределено време, со што, според СДСМ, ќе се гарантираше континуитет и ќе се спречеше стресот за децата и родителите секоја година.
Според опозициската партија, загрижува и одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи. Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, рече Николова, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата.
„Ја повикуваме министерката Весна Јаневска да го повлече предлог законот за основно образование и заедно со стручната фела да го подобриме текстот и да ги заштитиме сите деца. Ние сме спремни да се вклучиме во таков процес. Ја повикуваме и претседателката Гордана Силјаноска Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и нивното право на образование“, велат од СДСМ.
Според нив, ваквиот закон е враќање цел век наназад.