Свет
(Видео) Бајден и Трамп испратија божиќни пораки до Американците кои многу се разликуваат
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден ги повика Американците да размислуваат во тишина и да се обединат за Божиќ, а новоизбраниот претседател Доналд Трамп понуди празнична честитка и голем број политички фокусирани објави на социјалните мрежи, при што двајцата политичари уште еднаш ги покажаа своите разлики.
Во видеото од божиќната обиколка на божиќните украси на Белата куќа, објавено на „Јутјуб“, Бајден ги повикува Американците „да ја остават настрана сета врева и сè што нè дели“.
„Ние сме овде на Земјата да се грижиме еден за друг, да се сакаме“, вели Бајден додека камерата поминува покрај украсените новогодишни елки и камини во Белата куќа.
„Премногу често се гледаме едни со други како непријатели, а не како соседи, не како сограѓани Американци“, рече тој.
Бајден ги повика Американците да најдат момент на тивко размислување за да се охрабрат себеси да се однесуваат со другите со достоинство и почит, да живеат во светлината и да не заборават дека има повеќе што ги обединува Американците отколку што ги дели. „Навистина сме благословени што живееме во оваа земја“, заклучи тој.
Трамп во средата наутро објави порака „Честит Божиќ“ на својата социјална мрежа со фотографија од него и сопруга Меланија. Потоа сподели дваесетина написи или други објави на социјалните мрежи, кои ги поддржуваат неговите политички ставови за теми како што е контроверзната номинација на Пит Хегсет за секретар за одбрана или желбата на Трамп да го заземе Гренланд или Панамскиот Канал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Украина ѝ го испрати на Сирија пакетот прва помош во форма на храна
Украина, главен светски производител и извозник на жито и маслодајни семиња, ја испрати првата серија помош во храна во Сирија, изјави денеска украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека 500 метрички тони пченично брашно се на пат за Сирија како дел од хуманитарната иницијатива „Жито од Украина“ во соработка со Киев и Светската програма за храна на Обединетите нации, пренесува „Ројтерс“.
Зеленски истакна дека во наредните недели се планира пченично брашно да биде поделено на 33.250 семејства или 167.000 луѓе.
Регион
(Видео) Вучиќ: Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на социјалните мрежи објави видео со порака:
„Јас живеам за Србија. Дали ме сакаат или не, резултатите кажуваат сè“, вели тој.
View this post on Instagram
„Зад мене ќе остане најдоброто време за Србија во нејзината историја. Србија реално ги има највисоките плати во својата историја. Србија реално ги има највисоките пензии во својата историја. Србија ја изгради својата патна и железничка инфраструктура како никогаш досега во својата историја. Дали е сето тоа точно, Србија ја изгради својата научна и технолошка инфраструктура, Србија никогаш во својата историја не давала толку пари како што дава денеска за земјоделството. И тоа е наследство од мојата политика, му се допаѓало тоа некому или не. Тоа се резултатите, сакале вие тоа да го признаете или не“, вели Вучиќ.
Свет
Штајнмаер го распушти Бундестагот, парламентарните избори во Германија на 23 февруари
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска го распушти Бундестагот и најави предвремени парламентарни избори за 23 февруари 2025 година.
„Во тешки времиња потребна е функционална влада“, рече Штајнмаер во објаснувањето на својата одлука.
„Затоа сум убеден дека новите избори се вистинскиот пат за благосостојбата на нашата земја“, изјави Штајнмаер, пренесуваат германските медиуми.
Политичките партии во Германија веќе се договорија датумот на избори да биде 23 февруари, но за тоа беше потребно распуштање на Бундестагот во согласност со член 68 од германскиот Устав.
Минатиот понеделник канцеларот Олаф Шолц побара доверба од Бундестагот и го загуби гласањето откако се распадна владејачката коалиција, пренесува „Танјуг“.
Тој тогаш му предложи на сојузниот претседател Бундестагот да се распушти и со тоа да се отвори вратата за нови избори, а според Уставот, сојузниот претседател тоа може да го направи во рок од 21 ден, но не е должен да го стори тоа.