Македонија
Во општите болници во Струга и Кавадарци се отворија две нови „Роса школи за доење“ – донација од „Пивара“ – Скопје во соработка со Министерството за здравство

Две нови „Роса школи за доење“ се отворија денес во рамки на општите болници во Струга и во Кавадарци, благодарение на донацијата од „Пивара“ – Скопје и „Coca-Cola“, преку брендот „Роса“, а во соработка со Министерството за здравство. Целта на школите е да им помогне на младите родители во справување со предизвиците од нивните нови животни улоги. Во новите модерно опремени школи за доење во Струга и Кавадарци сите нови и идни мајки ќе добијат бесплатна стручна помош, совети и соодветна едукација за процесот на доење и за родителството воопшто.
Ова е дел од долгорочната иницијатива на „Роса“ за поддршка на новите родители, која од 2018 година се спроведува заедно со Министерството за здравство и во рамки на која досега се отворени 9 школи за родителство и 8 школи за доење во повеќе градови низ земјава.
„Пивара Скопје“ заедно со Министерството за здравство и во 2025 продолжува со оваа иницијатива, со цел унапредување, промоција и поддршка на доењето.
„Исклучително сме горди што овој проект бележи успех уште од самиот почеток, со отворањето на првата школа во 2018, па сѐ до денес. Секое отворање нова „Роса“ школа за доење ни носи особена радост и како компанија, бидејќи токму тоа ја отсликува нашата посветена грижа и поддршка за правилна нега на најмалите и обезбедувањето неопходна едукација за новите родители, но и мене лично како родител кој ја разбира важноста на поддршката во таков чувствителен период“, вели Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје. Според него, оваа иницијатива има за цел „да создаде здрави основи за идните генерации и е пример како со заедничка посветеност може да се поттикне културата на поддршка и солидарност во нашето општество“.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, смета дека ваквите иницијативи се многу значајни, при што ја истакна одличната соработка со Пивара Скопје.
„На одделот за гинекологија и акушерство во Општа болница Струга и Општа болница Кавадарци, во соработка со Пивара Скопје, се опремени посебни простории каде штотуку породените мајки и идни родители ќе имаат можност, со поддршка од медицински лица, да се информираат за важноста и придобивките од доењето. По тој повод сакам да ја истакнам одличната соработка со Пивара Скопје, како општествено одговорна компанија, со чија поддршка, во рамки на втората фаза на овој проект, годинава промовираме уште две нови школи за доење во болниците во Струга и во Кавадарци. Во нив младите родители имаат можност за консултација со стручен тим – педијатар, гинеколог-акушер и патронажна сестра – за предностите на ексклузивно доење, како и за други актуелни прашања поврзани со постпородилниот период“, истакна министерот за здравство, д-р Арбен Тарвари.
За реализација на овој проект и опремување и реновирање на просторот, „Пивара Скопје“ одвојува по 1 денар од секое продадено шише „Роса“ од 1,5 и 0,5 литри.
Роса школите за доење и за родителство се клучен дел од заложбите на „Пивара Скопје“ за поддршка на заедницата. Овие школи претставуваат дел од пошироката стратегија на „Пивара Скопје“ за активно учество во унапредување на општественото здравје и благосостојба. Со посебен акцент на важноста на доењето и родителството, проектот има за цел да создаде долгорочен позитивен ефект врз заедницата.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Следната недела почнува исплатата на пензиите покачени за 1.000 денари, напролет ќе се зголемат за уште 1.000

Септемвриската пензија пензионерите ќе ја добијат со покачен износ за 1.000 денари. Исплатата ќе почне следната недела.
„Од 1 октомври е првичната корекција на пензиите, она линеарно зголемување, а потоа ќе има и напролет, со што ќе се заокружи оној инвестициски циклус и зголемување на пензиите за пензионерите линеарно со вкупен износ за пензионер од 7.000 денари. Тоа практично ги надминува оние 5.000 денари што ги зборувавме за време на кампањата“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е трето покачување на пензиите во последната година. Во септември лани тие беа зголемени за 2.500 денари, а за ист износ пензиите се зголемија и во март годинава.
Македонија
Мицкоски од кардиохирургија: Вложуваме во здравствениот сектор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека за него претставува голема чест и задоволство што може да биде заедно со медицинскиот персонал, професорите, академиците и сите оние кои, како што рече, имаат огромна заслуга за постигнувањата што денеска беа презентирани на Универзитетската клиника за кардиологија и кардиохирургија.
„Тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана на пример. Треба да сме среќни и треба да поздравуваме ваков тип на проекти, затоа што пациентите тоа што можат да го добијат во Македонија не можат да го добијат да речеме пациентите во Белград, Загреб и Љубљана.
Она кое што исто така ни го демонстрираа луѓето е фактот дека сега додека се вршат кардиолошките процедури можат истовремено да се вршат и кардиохируршките процедури.
Зашто го кажувам ова? Не го кажувам наивно, го кажувам затоа што како Влада планираме процесот на интегрирање на клинички центар да го започнеме со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар“.
Тој процес како што кажа Мицкоски е веќе започнат и е во фаза на подготовка, но веднаш по изборите најави поробусно и поинтензивно продолжување на истиот.
Најави дека како Влада ќе ги подржуваат сите такви напори на клиниките, на болниците во Македонија, а поддршката ја добиваат и од министерот и од директорот на фондот.
„Очекувам со вакви убави вести да се јавиме и од проектите кои што се во тек, да ја информираме македонската јавност, а веднаш после завршувањето на изборите ќе имаме малку поробусна акција и поголем фокус на здравството кој што ќе биде прв приоритет“.
Македонија
Депонијата во Струга е една од најопасните, ако не се преземат мерки, ќе биде црна точка по бројот на заболени од канцер, велат од „Вреди“

Според „Вреди“, дивата депонија во Струга, отворена во 2006 година како „привремено решение“, денес е претворена во една од најопасните депонии во Македонија.
Појаснуваат дека истата се наоѓа на само 500 метри од првите куќи на градот, исто толку оддалечена од реката Црн Дрим и помалку од 2 километри од Охридското Езеро – подрачје прогласено за светско наследство на УНЕСКО.
Секоја година, додаваат од оваа партија, таму се фрлаат повеќе од 40 илјади тони отпад, без стандарди и без контрола на видот на отпадот.
„Нивното горење ослободува чад, токсични гасови и тешки метали кои ја загадуваат почвата, воздухот и водите. Ова загадување не е невидливо – тоа секојдневно го чувствуваат граѓаните кои често не можат ни прозор да отворат навечер.
Според Институтот за јавно здравје, само во 2020 година во Струга се регистрирани 140 нови случаи на канцер – 83 жени и 57 мажи. Една година порано, на ниво на општина се евидентирани 701 нови малигни случаи. Овие бројки говорат за алармантна состојба.
Доколку депонијата продолжи да функционира на истиот начин, во наредните 5 години се очекува прогресивно зголемување на хроничните и малигните заболувања. Меѓународните студии покажуваат дека заедниците кои живеат во близина на вакви депонии имаат:
• 20–30% повеќе случаи на рак на бели дробови и дојка;
• значително зголемување на респираторните заболувања кај децата;
• раст на неплодност, спонтани абортуси и проблеми во развојот кај новороденчињата;
• и зголемена вкупна смртност за 10–15%“.
Ако не се преземат мерки, Струга, истакнуваат од „Вреди“ ризикува во следните пет години да регистрира стотици нови случаи на канцер секоја година и да се претвори во црна здравствена точка во регионот.
Оваа состојба, како што оценуваат, повеќе не е само локален или естетски проблем. Таа, според „Вреди“ претставува сериозна закана за животот, за јавното здравје, за туризмот и за самото светско наследство кое со гордост го штитиме.
„Овој отров не е само последица на негрижа – тој е последица на погрешни и намерни политички одлуки. Депонијата е поставена и продолжува да постои под локалната власт на Општина Струга и со поддршка на власта на ДУИ, со градоначалникот Рамиз Мерко. Повеќе од 18 години овој проблем се покрива со молк, жртвувајќи го здравјето на граѓаните за тесни политички и финансиски интереси.
Ние итно бараме:
• затворање и санација на депонијата,
• создавање на стандарден систем за управување со отпад,
• и заштита на граѓаните на Струга од овој секојдневен отров.
Во спротивно, молкот на институциите денес значи болест, а утре смрт“.