Македонија
(Видео) Шукова: Најавите за корекција на цените се манипулација
Политиките на власта со така наречени кошнички доживеа дебакл и сите најави сега за некакви корекции се само уште една манипулација, рече потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што одговори, наместо намалување на цените и достапни производи, милиони евра се извлечени од џебовите на народот преку таканаречените „кошнички“.
„Основните производи поскапеа наместо да поевтинат и станаа луксуз за граѓаните, власта дозволи буквално грабеж. Оваа политика на Мицкоски ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност, токму пред новогодишните празници. Прашањето е – што им должеше Мицкоски на трговците за да дозволи ваква пљачка врз грбот граѓаните? Само за шест месеци од оваа влада, животот на граѓаните се влоши драматично. Мицкоски се грижи за елитата и бизнис интересите, додека народот плаќа висока цена“, додаде Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК ги објави конечните резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница ги објави конечните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 година за избор на градоначалници во 29 општини и во Град Скопје.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, соопшти дека во овие општини изборниот процес е завршен и се потврдени конечните резултати, со што е избран и новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За три општини – Брвеница, Карпош и Шуто Оризари – се поднесени 16 приговори за текот на гласањето. Според Кондарко, тие ќе се разгледуваат денеска на јавна седница на Комисијата со почеток во 14 часот.
Дополнително, поднесени се и три приговори за изборот на членови на Советот на Општина Шуто Оризари, каде што на 2 ноември беше спроведено прегласување на три избирачки места. Поради тоа, како што соопшти ДИК, конечните резултати за Советот на оваа општина нема да бидат објавени сè додека не заврши постапката по приговорите и евентуалните тужби пред Управниот суд.
Македонија
(Видео) Андоновска: СДС под контрола на Заев и Филипче ја уништија партијата, време е за вистинска опозиција
По катастрофалните резултати од изборите, повеќе нема дилеми дека СДС е во целосен пад. Трета партија во државата и петта во Скопје. Ова не е случаен резултат. Ова е директна последица на раководството на СДС и Венко Филипче, кој очигледно и натаму работи под диригентската палка на Зоран Заев, вели Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче, додава таа, наместо да ја реформира СДС, ја претвори партијата во негов приватен проект под влијание на Заев, народот го препозна тоа и ги казни.
„Со само шест освоени општини, едвај 126 илјади гласови и околу 230 советници, СДС го доживеа најголемиот изборен пораз во својата историја.
И по овие резултати, во СДС нема ниту реформи, ниту одговорност. Само лажни искази дека ја примиле пораката и дека ќе има промени. Затоа, време е СДС да се соочи со вистината дека Филипче мора да си замине, партијата мора конечно да се дистанцира од Зоран Заев и да направи вистински реформи“.
Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, оценува Андоновска, мора да имаат опозиција која ќе биде конструктивна, одговорна и ќе придонесува за државата, а не арогантна и деструктивна партија која мисли само на личните интереси.
Македонија
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.

