Свет
Турскиот и американскиот шеф на дипломатијата разговараа за соработка со новата сириска влада
Турскиот министер за надворешни работи денеска разговараше со американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, за потребата од соработка со новата сириска администрација за да се обезбеди уредно завршување на преодниот период, соопшти турското министерство.
Во телефонски разговор, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му рекол на Блинкен дека Анкара нема да дозволи курдската милитантна група ЈПГ да ја користи Сирија како засолниште, откри портпаролот на Министерството.
САД и другите западни земји ја поддржуваат ЈПГ, додека Турција ја смета за терористичка организација.
За време на повикот, Блинкен ја истакнал потребата да се поддржи политичкиот процес предводен од Сирија, кој „ги поддржува човековите права и дава приоритет на инклузивната и репрезентативна влада“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Блинкен и Фидан разговараа и за мерките за зајакнување на турската и сириската безбедност против тероризмот, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Новата година пречекана на плоштадите во Њујорк и светските метрополи
Илјадници луѓе ја дочекаа Новата година на плоштадите во Њујорк и европските метрополи.
Во Њујорк, точно на полноќ традиционално беше спуштена кристална топка на Тајмс Сквер, каде илјадници луѓе присуствуваа на дочекот, иако врнеше силен дожд, пренесе АП.
Топка тешка речиси шест тони содржана од 2.688 кристални триаголници се спушти на столбот на Тајмс Сквер.
На плоштадот настапија американската група TLC и поп-рок групата Jonas Brothers.
Традиционалните новогодишни прослави во Рим годинава се специфични по тоа што ја одбележуваат јубилејната година на Католичката црква, прослава која се одржува еднаш во четвртина век и се очекува оваа година во Рим да донесе околу 32 милиони аџии.
Папата Франциско во вторникот отслужи вечерна миса во базиликата Свети Петар во Рим.
Во Париз Новата година беше пречекана со традиционално одбројување и огномет на Шанзелизе.
Новата година во Лондон се слави со воден топ покрај реката Темза.
Сепак, поради невремето, официјалниот дочек во Единбург, Шкотска беше откажан.
Исто така, поради невремето, во Холандија е откажан новогодишниот огномет, како и традиционалното капење во морето на плажата во Шевенинген, каде повеќе од шест децении секоја година се капат 10.000 луѓе.
Во Швајцарија луѓето традиционално за Нова година влегуваа во водата на ниски температури.
Во Бразил главната новогодишна ноќ беше на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, со огномет кој траеше 12 минути.
Се очекуваше бројот на луѓе кои ја дочекаа Новата година во Копакабана да надмине два милиони, од кои повеќето беа традиционално облечени во бело.
Повеќето европски земји ја дочекаа Новата година со огномет на главните плоштади.
Претходно, 2025 година беше пречекана во поголемиот дел од Русија, Турција, Иран, Сирија.
Новата година пристигна порано во Мадагаскар, во близина на источниот брег на Африка, каде граѓаните славеа со танц и музика.
Етиопија, Сирија, Белорусија, Обединетите Арапски Емирати, Ерменија, Азербејџан и жителите на Антарктикот исто така ја дочекаа 2025 година пред Европа и САД.
Граѓаните ширум источна и југоисточна Азија, вклучително и Индија, Кина, Филипините и Малезија, Хонг Конг и Сингапур, ја дочекаа Новата година уште порано со огномет и дронови.
Прославите се намалени или откажани во Јужна Кореја по авионската несреќа во Муан во неделата во која загинаа 179 луѓе.
Претходно, Новата 2025 година пристигна во Австралија, а во пристаништето во Сиднеј беше пречекана со традиционален огномет.
Два часа пред тоа Нов Зеланд ја дочека Новата година, која беше пречекана во Окленд со огномет, со кој им оддадоа почит на домородните племиња.
Новата година во светот први ја дочекаа жителите на малиот остров Лајн, кој припаѓа на островската држава Кирибати во централниот дел на Тихиот Океан.
Последните населени места каде ќе биде дочекана 2025 година ќе бидат островите Нижуе и Американска Самоа, кои се наоѓаат југозападно од Кирибати во јужниот дел на Пацификот, пренесува Танјуг.
Свет
Украина ја прекина испораката на руски гас во ЕУ: „Ова е историски настан“
Рускиот енергетски гигант Гаспром соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот наутро по московско време, бидејќи истече договорот за транзит.
Украина соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, поради
„националната безбедност“.
„Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан“, изјави министерот за енергетика Герман Галушченко. Изјавата на киевското Министерство за енергетика уследи по истекот на петгодишниот договор меѓу Гаспром и украински Нафтогас.
„Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас“, рече тој.
Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија на тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година. Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот. Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.
Русија сè уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“ на дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.
Европската унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори. Останатите купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, исто така се договорија за алтернативни испораки. Во декември Австрија одлучи да го раскине долгорочниот договор со Гаспром, Словачка му се закани на Киев со одмазда, според написите во медиумите.
Свет
Полска го презеде претседавањето со ЕУ
На првиот ден од новата година Полска од унгарски раце го презеде ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, чиј фокус ќе биде безбедноста во најширока можна смисла.
Под слоганот „Безбедност, Европа!“, Полска ќе претседава со Советот на ЕУ во следните шест месеци, во текот на кои ќе ги поддржува активностите за зајакнување на европската безбедност во нејзините седум димензии: надворешна, внатрешна, информативна, економска, енергетска, храна и здравје.
„За Европа ова е време на искушенија и одлуки. Европската унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство, а на Европејците мора да им даде чувство на сигурност и изгледи за развој“, се вели во програмата на полското претседателство.
Полското претседателство се совпаѓа со првите 100 дена од новата Европска комисија и првите пет месеци од мандатот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Полска посочува дека нејзина задача ќе биде да го зачува единството на ЕУ во односите со САД и смета дека е во добра позиција за оваа улога, имајќи ги предвид добрите билатерални односи со Вашингтон и фактот што, без разлика која партија е на власт, отсекогаш имала јасна трансатлантска ориентација. Меѓу членките на НАТО е една од оние кои најмногу трошат за одбрана.
Во однос на надворешната безбедност, полската влада ја нагласува потребата од зајакнување на европската одбрана, која треба да биде комплементарна на НАТО. Тие вклучуваат повисоки трошоци за одбрана, зајакнување на одбранбената индустрија и решавање на празнините во одбранбените способности.
Внатрешната безбедност вклучува барање нови сеопфатни решенија за прашањето на миграцијата, обезбедување на надворешните граници, намалување на илегалниот влез, поефикасно враќање на илегалните мигранти и одговор на хибридните закани.
Во рамките на информациската безбедност, Унијата и нејзините членки треба да ги препознаат и отстранат дезинформациите и странската манипулација, пренесуваат медиумите во регионот.
Полска најавува дека, како дел од зајакнувањето на економската безбедност, ќе преземе мерки кои ќе придонесат за решавање на предизвиците што ги предизвикуваат брзите технолошки промени, енергијата и зелената транзиција и геополитичките тензии.
За енергетска безбедност, од суштинско значење е да се обезбеди сигурност на снабдувањето со енергија во доволни количини и по пристапни цени. Иако по руската агресија врз Украина, ЕУ го намали увозот на руски гас и нафта за околу две третини, Полска најавува дека ќе промовира целосно напуштање на увозот на енергија од Русија.
Неопходно е да се зајакне позицијата на земјоделците во синџирот на снабдување и да се обезбеди конкурентно и еластично земјоделство кое обезбедува безбедна храна за своето население, вели полското претседателство, зборувајќи за безбедноста на храната.
Во областа на здравствената безбедност, полското претседателство ќе се фокусира на дигиталната трансформација на здравството и потребата да се подобри безбедноста на снабдувањето со лекови во ЕУ, особено од перспектива на пациентите.