Економија
Министерството за финансии: Издадена нова 23-та емисија на обврзници за денационализација во износ од 1,5 милиони евра
Министерството за финансии ја издаде 23. емисија на Обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милион евра, со која се обесштетуваат баратели со правосилни решенија за денационализација донесени во период од 1 јануари 2023 до 31 декември 2023 година. Станува збор за обесштетување на вкупно 108 баратели.
Обврзниците за денационализација се хартии од вредност кои ги издава Министерството за финансии, во евро валута, а гласат на име, и се неограничено преносливи. Номиналната вредност и каматата од 2% годишно на имателите на обврзници се исплаќа еднаш во годината во период од 10 години, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата ќе започне од 1 јуни 2025 година. Имателите на обврзницата може истата да ја материјализираат, односно со неа може да тргуваат на секундарниот пазар на Македонската берза.
Согласно Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, Министерството за финансии, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука го утврдува износот на обврзниците за денационализација коишто се издаваат.
Државата досега има издадено 22 емисии на обврзници за денационализација на износ од 397 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Обединетите нации: Цените на храната паднаа во декември, шеќерот најмногу
Цените на храната благо паднаа во декември 2024 година, со значително поевтин шеќер и стабилни цени на житните култури, објави денеска Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО).
Индексот на цените на ФАО за кошничката со основните прехранбени производи во просек изнесуваше 127,0 поени во декември, што е за 0,5 отсто помалку од ноември, пресмета ФАО. Сепак, во споредба со декември 2023 година, цените на храната се повисоки за 6,7 отсто.
Во текот на 2024 година кошничкта со основните прехранбени производи беше поевтина за 2,1 отсто, при што значително пониските цени на житните култури и на шеќерот го надминаа поскапувањето на растителните масла, млекото и млечните производи и месото. Цените на шеќерот паднаа најмногу во декември, 5,1 отсто во однос на ноември, благодарение на подобрените прогнози за жетвата на водечките производители. Во однос на декември претходната година неговите цени се пониски 10,6 отсто.
Млекото и млечните производи во декември поевтини од ноември, а поскапи од лани на глобално ниво
Забележливо падна и цената на млекото и млечните производи во последниот месец од минатата година, 0,7 отсто во однос на ноември. Нивните цени се намалија првпат од април под притисок на пониските цени на путерот поради намалената побарувачка и акумулираните резерви. Во однос на декември минатата година, цените на млекото и млечните производи се повисоки 17 отсто, а во текот на 2024 година се зголемени во просек 4,7 отсто.
Цените на житото се задржаа на нивото од претходниот месец во декември. Во однос на декември 2023 година тие се за 9,3 отсто пониски. Извозните цени на пченицата беа стабилни во декември како одраз на рамнотежата помеѓу намалената побарувачка и подобрената понуда во Аргентина и Австралија и лошите услови за културите на пченицата во Русија.
Цените на месото не се зголемија многу
Цените на пченката благо пораснаа благодарение на благо подобрениот извоз во САД во услови на намалена понуда и силна побарувачка за украинскиот извоз. Во текот на минатата година цените на житните култури беа во просек за 13,3 отсто пониски од 2023 година. Тие се намалија втора година по ред по рекордното ниво во 2022 година, забележува ФАО.
Растителните масла поевтинија за 0,5 отсто во декември во однос на ноември. Во споредба со крајот на 2023 година поскапеле 33,5 отсто. Во текот на целата 2024 година нивните цени беа во просек за 9,4 отсто повисоки од 2023 година поради намалената понуда, според ФАО. Месото беше исклучок на крајот на минатата година со месечен раст на цената од скромни 0,4 отсто. На годишно ниво неговите цени се зголемени 7,1 отсто.
Економија
Koчо Анѓушев за „Економист“ – 2025: Работиме на енергетски решенија што ќе се бараат по пет години
Интервју на Кочо Анѓушев, сопственик и генерален директор на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, за македонското издание на лондонскиот магазин Економист-Светот во 2025 година.
-Г-не Анѓушев, на прагот сме на новата година, кои се вашите очекувања за економска 2025?
2025 година поради состојбата во Европа ќе биде тешка за Македонија и македонската економија и за сите компании кои се врзани со европскиот пазар заради тоа што во Европа, за жал, станува рецесија во индустријата и голем број компании ја намалуваат својата активност од разни причини.
Во Македонија, на долг рок може да издржи индустрија која ќе прави производи со додадена вредност и производи со доволно голем квалитет за да може да се спротивстави на целиот свет.
– Како врз Вашите компании влијаеја инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфлитки во 2024г?
„Феро Инвест“ се занимава со две главни дејности, едната е метална индустрија , другата е енергетика, и во двете дејности влијанието беше-различно.Но најмногу негативно влијание се почувствува во металната индустрија односно во фабриката „Брако“ која е извозно ориентирана и тоа над 95% од своето производство.
Се почувствува дека во Европа економијата е значително забавена посебно во металната индустрија, машини, автоматизација, дека инвеститорите се многу воздржани така што наши клиенти кои се со генерации големи и познати фирми , нивната продажба се намали и над 50% во споредба со претходни години, а со тоа и нивните нарачки кон нас. Ние тоа се обидовме да го компензираме со зголемување на продажбата на возилата и да влегуваме на што повеќе пазари.
Но, се на се, успеваме да се справиме со предизвиците поради тоа што имаме дисперзирани производи, голем број на производи, различни производи,учество на голем број пазари, „Брако“ извезува во 60 држави, и на тој начин успеавме да одржиме континуитет во производството и овие услови да ги преживееме.
– Ако традиционалните европски пазари забавуваат, каде Вие ги гледате потенцијалите за поголем извоз?
Треба да се оди кон пазарите кои можат да купат.
„Брако“ со возилата за чистење ,„Грин Машинс“ претходната година влезе на два пазари што не се традиционални за македонската економија. Тоа е пазарот во Мексико, која е земја во развој, земја каде се пресели голем дел од производството од САД и од Канада. Исто така, Саудиска Арабија. Во главниот град Ријад продадовме над 40 возила.Тука се и Индонезија, Тајланд итн.
– Кој е вашиот пристап за да држите примат во областа на енергетиката и технолошките решенија?
Јас сум инженер, и во мојата работа секогаш го комбинирам инженерско знаење, мојата страст за иновации и страст да изнаоѓам нови решенија, и многу важно-ја согледувам големата слика, бидејќи ништо не важи само за една земја, особено во енергетиката.
Таа е работа која што е, јас би рекол, и континентална, зборувам за Европа, и во таа смисла морате да можете да ги предвидите трендовите.
Ние уште пред две години почнавме да работиме на батериските системи кои што сега стануваат актуелни.
А уште од сега најавуваме дека во иднина, во следните 5 – 6 години ќе треба да се размислува на интегрирани, вертикални, компактни енергетски решенија. Да речеме на закуп на складирање, закуп на фотоволтаици, на виртуелни производители, виртуелни електрани, сето тоа може да звучи малку апстрактно, но ние во Фероинвест сме поприлично сигурни дека работата ќе оди во тој правец.
-Кои се најновите проекти на Феро Инвест поврзани со обновливите извори на енергија?
Батериските системи за складирање на електрична енергија, и тоа на четири нивоа. Едно ниво за домаќинства, оние домаќинства кои што трошат во четвртата група каде цените се највисоки, а тоа се поголеми куќи, поголеми објекти. Втората група се фабрики, кои што имаат поставени фотоволтаици, или пак се уште немаат, но тие својата потрошувачка на електрична енергија ја оптимираат по цена и количина. Понатаму, фотоволтаични електрани изградени на земја, па да се надградат со батериски системи, или веднаш новите електрани што се градат да се изведуваат веќе со батериски системи во нив, и тоа е третата група. И последно, да се прават само сториџи, односно клиентот да прави енергетски сториџ (склад) за свои потреби. Последните две ќе ги почекаат законските решенија за да можат да се градат во Македонија.
(ПР)
Економија
Континуиран растечки тренд на користењето на дигиталните канали за извршување на електронските плаќања
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата.
Овие податоци се особено значајни, бидејќи ја истакнуваат промената во навиките на граѓаните во насока на сѐ поголема употреба на платежните картички при иницирање на плаќањата, како и користење на решенијата за мобилно плаќање кај електронските кредитни трансфери (платните налози).
Во третиот квартал од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2% по број и за 13,6% по вредност. Овој раст најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2%, како и растот од 8,8% на плаќањата преку терминалските уред ПОС.
Покрај тоа, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9%, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2%. Ова укажува на натамошно зголемување на употребата на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања. Најзначајни се резултатите од употребата на апликациите за мобилно плаќање, кои покажуваат годишен раст од 50,2% во бројот на платежните трансакции споредено со истиот период од 2023 година. Во рамките на овие податоци, се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 65% од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции.
Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, освен што ги опфаќаат платежните трансакции на граѓаните во земјата, вклучуваат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата. За повеќе информации, податоците се достапни на следнава врска.