Економија
Седумдесет отсто од даночните обврзници платиле во законски рок
Во текот на декември, даночните обврзници успешно ја исполнија својата обврска за плаќање на данокот на личен доход, социјалните придонеси и ДДВ, што е одраз на одговорни даночни обврзници и усогласеност со законските обврски, соопшти Управата за јавни приходи.
Во однос на бруто – плата за месец ноември 2024 година, 70,650 работодавачи имале обврска да исплатат плати и социјални придонеси за 552,030 вработени лица.
Во законскиот рок до 16 декември, 49,911 или 71% од работодавачите ја исполниле обврската и исплатиле бруто плати и социјални придонеси за 482,276 од вработените лица.
Ова значи дека за 87% од вработените во државата социјалните придонеси се уплатени навремено.
Овој резултат покажува одговорност и посветеност на работодавачите со цел исполнување на даночните обврски на време, што има директен позитивен ефект и врз социјалната сигурност на работниците.
Што се однесува до обврските за ДДВ, 98,7 % од регистрираните месечни ДДВ обврзници навремено ги поднесоа даночните пријави за месечниот период од 01 – 30/11/2024 година.
Од вкупно 7,284 даночни обврзници, 4,025 во даночните пријави пријавиле даночен долг за ДДВ и имале обврска за уплатат 3,399,369,827 денари, од кои 70% или 2,811 од даночните обврзници навремено ги исполниле своите обврски при што уплатиле 78 % од вкупно пријавениот долг, односно уплатиле вкупно 2,652,711,966 денари.
За даночните обврзници кои не ги платиле даночните обврски во законскиот рок, Управата за јавни приходи редовно постапува согласно дадените законски овластувања со мерки за глоба за неподнесена даночна пријава и присилна наплата на неплатениот даночен долг.
„Промовирајќи култура на позитивни односи со даночните обврзници, Управата претходно доставува известувања на сите кои задоцниле со потсетување доброволно да ги платат доспеаните даночни обврски, а потоа доставува опомени согласно закон и спроведува присилна наплата од парични средства на сметка во банка (блокада на сметка)“, додаваат од УЈП.
Целта на Управата за јавни приходи е да постигне висок степен на навремено исполнување на даночните обврски како показател за ефикасно собирање на даночните приходи, заради што делува проактивно и превентивно пренесувајќи соодветни пораки до јавноста и до секој даночен обврзник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 1,7 милиони килограми тутун со просечна цена од 419,68 денари
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска е во работна посета во прилепскиот регион, каде што врши увид во процесот на откупот на тутун.
„Сакам да ве информирам дека од пријавените 320 пунктови низ државата, отворени се 207 заклучно со вчерашниот ден”, изјави министерот Трипуновски.
Тој додаде дека од компаниите кои што се пријавени во Регистарот за откуп на тутун, само една компанија досега не отпочнала со откуп, но истата ќе започне на почетокот од наредната недела согласно планот и динамиката.
„Согласно податоците кои ги добиваме на дневна основа од Државниот инспекторат за земјоделство, до вчерашниот ден се откупени 1,7 милиони килограми тутун со просечна цена од 419,68 денари”, истакна министерот Трипуновски.
Тој посочи дека според податоците од Сојузот и Инспекторатот, досегашниот тек на откупот се одвива во добра атмосфера.
„До последниот ден од откупот ќе бидеме тука, додека не се собере последното ливче тутун. Очекуваме дека оваа сезона ќе заврши успешно”, заклучи министерот.
Економија
Николoски: Вложуваме силни напори да изградиме квалитетна железничка и патна мрежа во Македонија
Македонија вложува силни напори да ги изгради и модернизира европските коридори 8 и 10 и во таа насока реализираме крупни проекти на истите. Работиме на изградба на железничкото поврзување со Бугарија, започнавме со постапките за изградба на брза пруга на коридор 10, а исто така градиме и автопатски делници на коридор 8, се обрати вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во рамки на Министерскиот совет на Транспортната заедница, што се одржува во Брисел.
„Имаме среќа што два паневропски коридори, 8 и 10, минуваат низ земјата и решивме како Владата да вложиме напори за напредок на двата коридори и тоа е нешто на што работиме заедно со нашите пријатели, партнери. Како што знаете потпишавме заеднички договор во ноември, за коридор 8 и тоа е големо достигнување за двете земји, нешто што целосно ќе ја промени реалноста во регионот и сега работиме за да го спроведеме. Од наша страна, железницата е поделена на 3 делници, едната е во функција од јануари годинава, втората се надевам ќе ја завршиме следнава година, а за третата работиме со нашите партнери од ЕИБ за да го објавиме тендерот не подоцна од јануари и очекувам напредок таму и така ќе дојдеме до спојување со Бугарија преку тунел. Што се однесува до коридор 10, во делот на железницата, решивме да изградиме брза железница со 200 км на час за патнички возови и 120 км на час за товарни возови. Преку Велика Британија добивме поволно финансирање и веќе се спроведува подготвителна работа. Ако се биде добро, очекувам првите машини да бидат на терен не подоцна од јуни 2026 и да завршиме во период од 5 години. Тоа ќе биде голем поттик за економијата во регионот и за поврзување. Што се однесува до автопатите, со коридор 10 процедурата е во тек, работиме со Светска банка, а со коридор 8 почнуваме сега и ќе продолжиме. На коридор 8 ја отворивме источната делница меѓу Куманово и Крива Паланка во јануари, работиме на западната делница и би сакал да ве поканам сите да видите што работиме”, рече вицепремиерот Николоски.
Министерскиот совет е во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница. Покрај вицепремиерот Николоски, присуствуваат и министри за транспорт и владнини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Економија
Прва заедничка координација на Управниот и на Надзорниот одбор на МЕПСО во Министерството за енергетика
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за првпат се одржа заеднички состанок со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат што обезбедува побрза, поефикасна координација во функционирањето на преносниот систем.
Министерката Сања Божиновска порача дека редовна координација е неопходна бидејќи МЕПСО како еден од клучните столбови за енергетската сигурност на државата мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без одложувања.
„ Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина. Само со заедничка и навремена координација, заедно со Управниот и Надзорниот одбор можат да се надминат евентуалните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа.“ истакна Божиновска.
На состанокот се разгледаа клучните точки:
· Напредокот и тековниот статус на големите инфраструктурни проекти што се во реализација.
· Планирањето и приоритизацијата на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата.
· Предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување за поголема ефикасност и подобра оператива.
Од следната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети. Со приклучувањето кон JAO, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, према границите со Србија и Бугарија, додека со останатие соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО) . Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови.
Министерството ќе продолжи со редовна комуникација и координација со МЕПСО, за да обезбеди стабилен, модерен и сигурен преносен систем кој е основа на енергетската безбедност и развојот на државата.

