Македонија
(Видео) Заврши времето кога криминалот остануваше неказнет, рече Тошковски во новогодишното обраќање

Заврши времето на како досега, кога неправдата и криминалот остануваа неказнети и ве уверувам дека никој во иднина нема да го краде македонскиот народ без притоа да одговара пред истиот. Ова го порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во новогодишното обраќање до граѓаните.
„Во текот на изминатава година, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации и заедно постигнавме значајни успеси. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе нарушување на достоинството на никого, на ниеден граѓанин. Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и модернизација на услугите и процесите со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет“, вели Тошковски.
Понатаму наведе дека делата и бројките што ги оствариле самите говорат за нивната одлучност во борбата со криминалот и корупцијата кои го разоруваат општеството и ја нарушуваат благосостојбата на граѓаните.
„Нашата порака е јасна. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе биде изведен пред лицето на правдата, а секој еден украден денар ќе биде вратен во буџетот на граѓаните. Во новата 2025 година, на прагот на новите надежи и новите цели, искрено посакувам сите заедно посветено да работиме на обезбедување на мир, стабилност и просперитет. Да изградиме систем кој ќе гарантира поголема сигурност, правичност и транспарентност за секој граѓанин да се чувствува вреден и заштитен. И можеби најважно од се, да почнеме да ги почитуваме и имплементираме цивилизациските вредности кон кои се стремиме.
Да продолжиме да бидеме горди на нашето културно и историско наследство, македонската култура, македонскиот јазик и сите обележја на македонскиот идентитет со кој се прикажуваме пред големото европско семејство и пред целиот свет. Само така, почитувајќи ги и прифаќајќи ги сите различности, едни на други ќе овозможиме напредок и благосостојба на сегашните, но и идните генерации.
Драги македонски граѓани, драги Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и сите граѓани на нашата Македонија, убаво да ги поминете новогодишните празници и од срце ви посакувам мир, здравје и благосостојба на вас и вашите најблиски. Нека ви е среќна нова 2025 година!“, порача Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бледи се обидите на Филипче да се искупи за предавството, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Добро е што Венко Филипче конечно ги согледа состојбите и дојде на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од партијата ВМРО-ДПМНЕ по денешните изјави на Филипче од Берлин.
„Добро е што Филипче и СДС признаваат дека проблемот со Бугарија не е само внесувањето на Бугари во Устав, дека проблемот е подлабок и дека ги опфаќа и идентитетските национални обележја.
Исто така, добро е што СДС и Филипче прифаќаат дека засегнат е и македонскиот јазик, за кој постојано ја убедуваа македонската јавност дека го заштитиле согласно нивните предавнички договори кои ги прифатија и потпишаа.
Но има работи кои македонската јавност нема ниту да му заборави, ниту да му ги прости.
Откако СДС, на чело со менторот на Филипче, Зоран Заев во чијашто влада беше и самиот Венко, распродаде се што е национално македонско и Македонија ја продаваа како невеста која богато ќе ја омажат, доцна им е за каење и за ископување на гревовите.
Задоцнети и бледи се ваквите обиди на СДС и Венко Филипче за нивните предавства, народот ќе ги памети како најголемите предавници во историјата на државата и истите ќе завршат во темните историски страници.
Сега Македонија има Влада која ги брани националните интереси и нема ни милиметар да се помести од позициите за одбрана на идентитетот, историјата, културата, јазикот.
На чело на државата сега е Влада која ги брани, зацврстува и ги провира националните идентитетски обележја.
Влада која работи во интерес на државата и граѓаните, која со напорен труд ја развива во сите пори на општественото живеење и која работи на нејзина евроинтеграција на достоинствен начин со заштитени национални обележја“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.
Македонија
Филипче во Берлин му се заблагодари на Шолц за поддршката за македонскиот јазик

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Берлин, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со поранешниот германски канцелар Олаф Шолц.
Партијата извести дека во името на СДСМ и на сите граѓани, Филипче изразил искрена благодарност за силната и принципиелна поддршка која Германија, под водство на Шолц, ѝ ја даваше на Македонија во процесот на европска интеграција, но и за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет.
„Благодарни сме за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која испративте силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека е уверен дека поддршка од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упати и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.
„Не смее да се дозволи било какви додавки за македонскиот јазик во Извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската унија македонскиот јазик е јасно потврден„ рече Филипче.
СДСМ останува цврсто посветен на европската иднина на државата и на стратешките партнерства што ја зајакнуваат македонската позиција на меѓународната сцена.
Македонија
Некст тајм, 2 Бона и Слаткаристика вечерва во Расадник, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика сите на журка

Општина Кисела Вода и оваа вечер, во рамки на Културното лето 2025, кое е под слоганот „Сè на свое место“, нуди ново музичко доживување. На платото пред салата „Расадник“, од 20:30 часот, ќе настапат едни од најголемите музички имиња на македонската сцена – Некст тајм, 2 Бона и Слаткаристика.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ги покани сите граѓани да бидат дел од овој музички настан.
„Дали сте подготвени за уште една незаборавна вечер? 2 Бона, Слаткаристика и Некст тајм ќе се погрижат за тоа! Вечерва не се бројат часови, туку моменти! Подгответе се за вечер исполнета со добри вибрации и незаборавна забава. Не дозволувајте да ви раскажуваат – бидете дел од најдобрата журка во Скопје! Вечерва, 20:30 часот, плато пред сала Расадник“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.