Свет
Објавени имињата на жртвите на нападот во Њу Орлеанс
18-годишна девојка, која сонувал да стане медицинска сестра, самохрана мајка, татко на две деца и поранешен американски фудбалер се само дел од жртвите на новогодишниот напад во Њу Орлеанс. Официјалните лица сè уште не ги објавија имињата на 14-те лица што беа убиени кога 42-годишниот Шамсуд Дин Џабар влетал со својот пикап во толпата луѓе на улицата Бурбон.
Судскиот лекар од Њу Орлеанс, д-р Двајт Мекена, најави дека имињата на сите жртви ќе бидат објавени кога ќе заврши обдукцијата и кога ќе бидат извршени разговори со најблиските.
Метју Тенедорио

Метју Тенедорио од Слајдел, Луизијана, беше човек поголем од животот, рече еден од неговите роднини.
„Тој имаше големи надежи дека ќе има свое семејство. Секогаш правеше шеги. Се смееше повеќе од мене“, рекла Кристина Баундс.
Семејството на Тенедорио не можело да стапи во контакт со него на Нова година. Подоцна дознале зошто. Тенедорио бил убиен од истрел од пиштол, рече Баундс, цитирајќи го судскиот извештај.
Тигар Беч

Роден во Лафајет, Луизијана. Тој беше поранешен фудбалер на Универзитетот „Принстон“ и работеше како помлад трговец за фирмата за пазари на капитал Seaport Global Holdings во Њујорк по дипломирањето во 2021 година.
„Беч беше жесток натпреварувач со бескрајна енергија, сакан соиграч и грижлив пријател“, рече тренерот на „Принстон“, Боб Сурејс.
27-годишникот отпатувал во својата родна држава за празниците и планирал да се врати во Њујорк во средата наутро, според неговата постара сестра Вирџинија Беч. Наместо тоа, тој беше убиен во нападот додека се враќаше во хотелот со својот најдобар пријател Рајан Квигли. Квигли е стабилен, иако доби расеченици на главата и скршеница на ногата.
Реџи Хантер

Реџи (37) бил татко на две деца, познат по својата смисла за хумор, вели неговата роднина Ширел Робинсон Џексон. Хантер зад себе остави 11-годишно и едногодишно дете, рече таа.
„Тој ги сакаше своите деца. Тој го сакаше своето семејство“, нагласи таа.
Реџи е роден во Батон Руж. Тој беше на улицата Бурбон со друг роднина, Кевин Бол, кога се случи катастрофа. Бол, кој беше повреден во нападот, закрепнува во болница.
Роднината на Реџи потврди дека го идентификувала телото во болница. „Тој сигурно не го заслужи ова, ниедна жртва не го заслужи“, напиша Џексон на „Фејсбук“.
Карим Бадави

Меѓу 14-те убиени е и Карим Бадави, студент од Универзитетот во Алабама.
„Денес дознав дека Карим Бадави, еден од нашите студенти на Универзитетот во Алабама, е убиен во терористички напад во Њу Орлеанс. Тагувам со семејството и пријателите на Карим за нивната потресна загуба“, рече претседателот на Универзитетот, Стјуарт Р., во објава на „Фејсбук“.
Хуберт Готри

Претставници на средното училиште „Архиепископ Шо“ објавија дека Хуберт Готри (21) е убиен во напад со пикап во Њу Орлеанс. „Со голема тага ја споделуваме веста дека Хуберт Готри, генерација 2021 година, трагично загина во бесмислен чин на насилство“, објави училиштето на „Фејсбук“.
Дру Дофин

Неодамна дипломирал на Универзитетот „Обурн“. „Во име на Универзитетот ‘Обурн’ испраќам искрено сочувство до семејството и најблиските на Дру Дофин, дипломец во 2023 година, кој ни беше одземен во терористичкиот напад во Њу Орлеанс“, рече претседателот на Универзитетот „Обурн“, Кристофер Б. Робертс.
Никол Перез

Според нејзиниот работодавец, Никол Перез била самохрана мајка на 4-годишен син, која напорно работела за да го подобри животот на своето семејство.
Перез, која беше во доцните 20-ти години, неодамна беше унапредена во менаџер во Kimmy’s Deli во Метаири, Луизијана. „Беше многу возбудена поради тоа“, изјавила сопственичката на продавницата, Кимберли Ашер, за АП.
Никира Дедо

Зион Парсонс ја славел Новата година кога се појавило возило и ја удрило неговата пријателка, 18-годишната Никира Дедо, за која рече дека сонувала да стане медицинска сестра.
„Камион дојде зад аголот и бргу помина покрај фрлајќи луѓе како на филм. Ја удри и ја фрли најмалку 10 метри и имав среќа што останав жив“, рекол Парсонс. Тој вели дека трчал меѓу осакатените жртви додека одекнувале истрели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европската комисија бара промени на „Тик-ток“: „Предизвикува зависност, особено кај децата“
Европската унија би можела да го принуди „Тик-ток“ да направи измени во апликацијата, откако во прелиминарна одлука наведе дека платформата ги прекршила правилата за дигитална безбедност.
Европската комисија смета дека дизајнот што предизвикува зависност му штети на физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата и ранливите лица, пишува „Гардијан“.
Според одлуката, „Тик-ток“ не ги проценил соодветно ризиците од својот дизајн, кој преку постојано надградување со нова содржина поттикнува непрекинато скролање и го става мозокот во режим на автопилот. Комисијата наведува дека тоа може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола, како и дека платформата игнорирала показатели за прекумерна употреба, вклучително и времето што децата го минуваат на апликацијата ноќе.
Комисијата размислува за наметнување промени во дизајнот, вклучувајќи измени на алгоритмот за препораки, ограничување на бесконечното скролање, воведување ефективни паузи од екран, вклучително и во текот на ноќта, како и прилагодување на системот за препораки.
Безбедносните механизми, како алатките за контрола на времето и родителските контроли, се оценети како недоволни.
Кршењето на Актот за дигитални услуги (ДСА) може да резултира со казна до 6 проценти од годишниот промет на компанијата. Се проценува дека „Тик-ток“ годинава ќе оствари приход од околу 35 милијарди долари.
Свет
САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран
Соединетите Американски Држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, предупредувајќи на сериозни безбедносни ризици, вклучувајќи тероризам, немири, киднапирања и произволни апсења и притворања на американски граѓани.
Американските власти им советуваат на граѓаните сами да направат план за излез и да не се потпираат на помош од американската влада, бидејќи САД немаат амбасада во Иран.
Според предупредувањето од Стејт департментот на САД, американските граѓани во Иран се соочуваат со висок ризик од нелегално притворање, вклучувајќи долготраен притвор, тортура и, во некои случаи, смртна казна. Швајцарија дејствува како заштитна сила за американските интереси во Иран, чија амбасада во Техеран обезбедува само итни конзуларни услуги.
Регион
Масовно труење со олово на жителите на град во БиХ
Во општината Вареш во Босна и Херцеговина продолжува сериозната здравствена криза предизвикана од масовно труење со олово. Најновите резултати од тестирањето на повеќе од 100 жители потврдија дека труењето со тешки метали е многу пораспространето отколку што првично се претпоставуваше, пишува N1.
Присуството на олово во крвта овој пат е утврдено не само кај жителите што живеат во близина на депонијата на рудникот ДПМ Метали, во населбите Пржиќи и Даштанско, туку и кај граѓаните од самиот центар на Вареш. Претходните тестови од декември минатата година покажаа присуство на олово во крвта на сите 44 тестирани лица од различни возрасти.
Во меѓувреме, уште девет лица се тестирани приватно, а резултатите само ги потврдија алармантните индикатори. Особено е загрижувачки што олово е пронајдено и во наодите на пет деца под шест години.
Најновите тестови покажуваат дека некои луѓе имаат екстремно високи концентрации на олово во крвта, во некои случаи десетици, па дури и сто пати повисоки од референтните вредности.
„Присуството на олово во крвта е исклучително сложен здравствен проблем бидејќи нема физиолошка потреба од олово во човечкото тело. Современата медицина се залага за ставот дека нема „безбедна“ доза на олово во телото“, велат експертите од Институтот за здравје и безбедност на храната.
Во интервју за локална радио станица, вршителот на должноста градоначалник на општина Вареш, Малик Ризвановиќ, изјави дека, доколку го добие мандатот, здравјето на граѓаните ќе биде негов приоритет. Сепак, информацијата дека непосредно пред објавувањето на новите резултати за труењето, компанијата ДПМ Метали испратила до Владата на Зеничко-добојскиот кантон барање за зголемување на надоместокот за концесија предизвикува загриженост.
„Официјално е дека во петокот ДПМ Метали поднесе иницијатива за зголемување на концесискиот надомест до Министерството за економија на Зеничко-добојскиот кантон. Во наредните месеци ќе има зголемување на концесијата. Она што успеав да го договорам со компанијата е дека, кога ќе се потпише концесијата, таа ќе се плаќа ретроактивно од 1 јануари 2026 година“, рече Ризвановиќ.
Фактот дека самата рударска компанија бара од властите да ја зголемат концесијата што треба да ја плати изгледа неверојатно и покренува сериозни прашања за тоа кој управува со природните ресурси во Зеничко-добојскиот кантон.
„Ако компанијата се обидува да купи социјален мир со овој потег, јасно велиме дека здравјето на граѓаните нема цена и дека е крајно несоодветно да се зборува за концесиски надоместоци во време кога животите на луѓето во Вареш се сериозно загрозени“, истакнуваат жителите на Пржиќ и Даштански.
Властите на Зеничко-добојскиот кантон и Федерацијата БиХ сè уште немаат јасен одговор за ситуацијата во Вареш. Иако условите се исполнети, сè уште не е прогласена вонредна состојба. Исто така, не е познато дали Обвинителството на Зеничко-добојскиот кантон започнало истрага за труењето.
И покрај противењето на локалните заедници и граѓанското општество, надлежните кантонални власти продолжуваат да поддржуваат нови, потенцијално опасни рударски проекти во Вареш, вклучувајќи го и планираното рударство на хром во сливот на реката Криваја.
фото/илустрација/Depositphotos

