Економија
Обединетите нации: Цените на храната паднаа во декември, шеќерот најмногу
Цените на храната благо паднаа во декември 2024 година, со значително поевтин шеќер и стабилни цени на житните култури, објави денеска Агенцијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО).
Индексот на цените на ФАО за кошничката со основните прехранбени производи во просек изнесуваше 127,0 поени во декември, што е за 0,5 отсто помалку од ноември, пресмета ФАО. Сепак, во споредба со декември 2023 година, цените на храната се повисоки за 6,7 отсто.
Во текот на 2024 година кошничкта со основните прехранбени производи беше поевтина за 2,1 отсто, при што значително пониските цени на житните култури и на шеќерот го надминаа поскапувањето на растителните масла, млекото и млечните производи и месото. Цените на шеќерот паднаа најмногу во декември, 5,1 отсто во однос на ноември, благодарение на подобрените прогнози за жетвата на водечките производители. Во однос на декември претходната година неговите цени се пониски 10,6 отсто.
Млекото и млечните производи во декември поевтини од ноември, а поскапи од лани на глобално ниво
Забележливо падна и цената на млекото и млечните производи во последниот месец од минатата година, 0,7 отсто во однос на ноември. Нивните цени се намалија првпат од април под притисок на пониските цени на путерот поради намалената побарувачка и акумулираните резерви. Во однос на декември минатата година, цените на млекото и млечните производи се повисоки 17 отсто, а во текот на 2024 година се зголемени во просек 4,7 отсто.
Цените на житото се задржаа на нивото од претходниот месец во декември. Во однос на декември 2023 година тие се за 9,3 отсто пониски. Извозните цени на пченицата беа стабилни во декември како одраз на рамнотежата помеѓу намалената побарувачка и подобрената понуда во Аргентина и Австралија и лошите услови за културите на пченицата во Русија.
Цените на месото не се зголемија многу
Цените на пченката благо пораснаа благодарение на благо подобрениот извоз во САД во услови на намалена понуда и силна побарувачка за украинскиот извоз. Во текот на минатата година цените на житните култури беа во просек за 13,3 отсто пониски од 2023 година. Тие се намалија втора година по ред по рекордното ниво во 2022 година, забележува ФАО.
Растителните масла поевтинија за 0,5 отсто во декември во однос на ноември. Во споредба со крајот на 2023 година поскапеле 33,5 отсто. Во текот на целата 2024 година нивните цени беа во просек за 9,4 отсто повисоки од 2023 година поради намалената понуда, според ФАО. Месото беше исклучок на крајот на минатата година со месечен раст на цената од скромни 0,4 отсто. На годишно ниво неговите цени се зголемени 7,1 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

