Регион
Директорот на црногорската полиција: Обдукцијата на телото на убиецот е завршена

Лазар Шќепановиќ, директор на Црногорската полициска управа изјавил дека извештајот од обдукцијата на Ацо Мартиновиќ, кој уби 12 лица во Цетиње, покажал дека тој не бил позитивен на психоактивни супстанци и дека имал алкохол во крвта, пренесува Вијести.
„Добив информација дека анализата на крвта на убиецот Ацо Мартиновиќ покажала 0,40 грама на килограм, анализата на урината 0,40 грама на килограм и тој не бил позитивен на психоактивни супстанци. Тоа значи дека бил во помалку алкохолизирана состојба“, рече тој.
Тој рече и дека е можно да имал повеќе промили во крвта отколку што е на крајот покажано, со оглед на времето што поминало од првото до последното убиство и обдукцијата.
Тој додаде дека се уште не е познат точниот мотив за убиствата, за кои потврди дека се извршени за околу 30 минути.
„Мотивот се утврдува. Тој ги одзел животите на своите најблиски пријатели, членови на семејството, изразил бруталност и агресивност кон децата“, рече Шќепановиќ.
Тој додаде дека разговарал со членовите на семејството на повредените и со полицајците кои го познавале, а ги прочитал и изјавите на сведоците кои добро го познавале Мартиновиќ.
„Не можам точно да кажам каде да барам мотив“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Револт во Германија поради новите правила за работниците од Западен Балкан, меѓу кои и македонските

Идната Демохристијанско-социјалдемократската влада планира да инвестира 500 милијарди евра во наредните години во реконструкција на дотраената инфраструктура: железници, патишта и мостови. Во исто време, има намера да се фокусира на уште еден итен проблем, а тоа е недостатокот на станови во Германија, пишува Дојче веле.
Но, за тие планови, покрај пари, ќе бидат потребни и многу работници, квалификувани и неквалификувани. Токму во овој сектор Правилото за Западен Балкан, воведено во 2016 година, ги покрива потребите на германскиот пазар на труд во последните години бидејќи, за разлика од другите програми за имиграција на работна сила, Правилото за Западен Балкан не ја условува квалификацијата, туку само договорот за вработување на германскиот работодавач. Ова и овозможи на градежната индустрија особено да вработува неквалификувани работници кои исто така се дефицитарни на германскиот пазар на труд.
Погрешна и штетна одлука
Минатата година, социјалдемократско-зелено-либералната влада, во екот на имиграциската либерализација, ја зголеми годишната квота како дел од правилото за Западен Балкан од 25 на 50 илјади работни дозволи годишно. Но, во својот коалициски договор, идната влада минатата недела повторно ја намали таа квота на 25.000 годишно.
Сега многу работодавци се прашуваат која е причината за ова намалување.
„Правилото за Западен Балкан се покажа како испробан инструмент за регрутирање работна сила без прекумерна бирократија, што инаку е реткост во секторот за миграција“, изјави за „Штутгартер цајтунг“ заменик-директорот на Германската индустриска и трговска комора, Ахим Деркс. Затоа одлуката на идната влада повторно да ја преполови квотата за Западен Балкан, според него, оди во погрешна насока.
Тим-Оливер Милер, директор на Централната асоцијација на германската градежна индустрија, дели слично мислење. Тој за „Штутгартер цајтунг“ изјави и дека намалувањето на годишната квота особено влијае на градежната индустрија.
„Значаен дел од странските работници на германските градилишта доаѓаат од некои од земјите на поранешна Југославија… сегашната одлука за намалување на овој контингент е изненадувачка и штетна за индустријата. Особено ако се земат предвид планираните инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат побарувачката за работна сила“, вели Милер.
Зошто да се намалат квотите?
Намалувањето на квотата нема да влијае само на големите инфраструктурни проекти, туку и на станбената изградба, смета Аксел Гедашко, директор на чадор-асоцијацијата за изградба на станови (ГдВ).
„Ако протокот на работници од Западен Балкан се преполови, тоа би можело да го влоши недостигот на работна сила на градилиштата“, смета Гедашко.
Ниту Јан Даненбринг од Централното здружение на германски занаетчии (ЗДХ) не ја разбира причината за намалувањето на контингентот.
„Федералната влада неодамна ја удвои оваа квота и сега ја враќа назад иако околностите во споредба со минатата година не се променети“, вели Даненбринг, исто така за „Штутгартер цајтунг“ и заклучува: Ако сакаме да промениме нешто во секторот за домување, ќе ни треба секој човек.
Негативни коментари и недоволно разбирање за одлуката на идната влада за правилата за работниците од Западен Балкан доаѓаат и од редот на експертите за пазарот на трудот. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ) смета дека потегот на владата испраќа погрешен сигнал. Тој посочува дека вработувањето на Западен Балкан досега се покажало како успешен механизам.
„Од 95 до 98 отсто од оние кои пристигнале во Германија како дел од ова правило се вработени една година по нивното пристигнување во Германија и редовно ги плаќаат своите придонеси“, заклучува Брикер.
Регион
Додик: Добив понуда од моќни луѓе

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека некои моќни луѓе од Европа му понудиле мирно да ја напушти Босна и Херцеговина.
„Имам понуда од некои моќни европски луѓе, кои ми испратија порака дека немаат ништо против да заминам и да бидам слободен во Унгарија, Русија, Србија, каде и да сакам“, рече Додик во емисијата „Телеринг“ на РТРС. Тој рече дека нема да ја напушти Република Српска.
Пред еден месец судот на БиХ издаде налог за апсење на Додик и му одреди едномесечен притвор поради одбивање да се јави на поканата од Обвинителството на БиХ за сослушување како осомничено лице.
Додик беше прогласен за виновен со првостепената пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Покрај тоа, Додик е под истрага за сомнителното купување вила во Белград, а тој одби да се јави на поканата за сослушување во тој случај.
Регион
Јотова: Постои обид од колегите од РСМ нормалните барања на Бугарија да ги претстават како каприц

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ќе разговараат за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Тие ќе учествуваат на отворањето на форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“.
„Ова ќе биде моја прва средба со комесарката Кос. Сакаме да чуеме од неа каква е визијата за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Мојата опсервација е дека оваа тема е целосно напуштена во последните месеци“, рече таа пред почетокот на форумот, пренесуваат бугарските медиуми.
Јотова исто така потврди дека ќе го изнесе ставот на Бугарија во врска со Република Северна Македонија.
„Според мене, оваа дебата се искривува, и овде во Бугарија и на европската сцена. Постои обид од страна на нашите колеги од РСМ да ги претстават нормалните барања на Бугарија – да се почитуваат европските критериуми – како речиси каприц од наша страна, а покрај тоа, се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е вистина“, коментира Јотова.