Македонија
ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на дописничката на СДК.МК

Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Сузана Вренцовска, од Охрид. Возилото било запалено на 05 јануари 2024 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано. Според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт, велат од ЗНМ и го повика МВР да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.
„Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес.
Ги повикуваме надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани. Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓаат тешки моменти за корумпираните судии, обвинители, политичари и бандити, најави ВМРО-ДПМНЕ

Со судството и обвинителството во Македонија, како што велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, раководи кланот Заеви и кланот Ахмети.
Тие, според партијата на Мицкоски, се директните виновници кои држат судии и обвинители затоа што се уплашени поради криминалот кој го имаат направено.
„Затоа секој случај кој ќе почне завршува со неуспех.
Затоа секоја пријава на МВР или докази или допрен глас и укажување од Владата или јавноста за криминал на луѓе од СДС и ДУИ завршуваат без епилог, во нечија фиока или затворени се како случаи.
Но, имаме една порака. Ако до Нова година не се смени ова и нема чекори за борба против корупцијата за еклатантни примери на криминал на разни политичко мафијашки групации во земјава, ние ќе објавиме и тргнеме во одлучна акција и чекори кои тоа ќе го променат од корен.
Укажувавме, повикувавме, апелиравме, молевме, но безуспешно“.
Народот, според ВМРО-ДПМНЕ, е разочаран.
Апатијата, како што оценуваат се зголемува.
„Довербата во правна држава ја нема. Надежта се губи.
Нема да го дозволиме тоа. Ќе биде или тие или Македонија. Или тие сите криминалците без разлика на политичка и етничка припадност на една страна, или ние со народот на другата.
Доаѓаат тешки моменти за корумпираните судии, обвинители, и политичари и бандити“.
Македонија
Поради нерегуларности, привремено запира со работа приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје , одлучи МОН

Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, Министерството за образование и наука информира дека е донесена одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа – Факултет за бизнис економија во Скопје.
Нерегуларностите се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование.
На Факултетот за бизнис економија, појаснуваат од МОН, нема запишани нови студенти во академската 2025-2026 година. Кон веќе запишаните студенти, високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети.
„Почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. Тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги.
Во изминатите 15 месеци затворени се и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми“.
Македонија
Ако ниските плати им се причина да судат неетички и да прават пактови со бандити, имаме еден предлог до нив, одете си веднаш, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Според ВМРО-ДПМНЕ, денешните реакции од Здружението на судии се, како што велат, крајно загрижувачки.
„Ја видовме реакцијата на судиите и обвинителите.
Мислевме дека ќе прочитаме нешто повеќе посериозно и потемелно, кога тие гледаме самите си кажаа што е причината што вака работат. Ниските плати.
Со тоа во нивната совест си ги оправдуваат погрешите одлуки и постапки, веројатно дел од нив од истите причини и земаат мито, па тоа го оправдуваат со крајно нечовечната и неетичка позиција „ниски ни се платите”.
Чест на исклучоците во таа професија кои се уште се повеќе од расипаните зрна во амбарот, но овие реакции од денес се запрепастувачки и крајно загрижувачки и ако ниските плати им се причина да судат неетички и да прават пактови со бандити и криминалци и корумпирани политичари и мафијаши тогаш имаме еден предлог до нив.
Нека си одат веднаш“.
На нивно место, додаваат од владејачката партија, ќе дојдат луѓе кои си ја сакаат државата и сакаат да воведат ред, дури и за плати од 1500 до 2000 евра какви што примаат судиите денес.
Вакво, според нив, понижувачко, нелогично и промашено соопштение, не може како што велат, дури ни СДС да смисли.
„Секако повторуваме чест на многуте исклучоци во таа професија кои се срамат од своите колеги и кои си ја сакаат државата“.