Забава
(Видео) Златниот глобус ја отвори сезоната на награди: два филма и една серија ја „победија“ конкуренцијата
Филмовите „The Brutalist“ и „Emilia Pérez“ и серијата „Shōgun“ доминираа на синоќешните Златни глобуси, што го означува неофицијалниот почеток на овогодинешната сезона на награди.
Нискобуџетниот еп „The Brutalist“, драма што ја раскажува приказната за архитект кој го преживеал Холокаустот, освои три награди: најдобар филм во категоријата драма, најдобар актер (Адриен Броди) и најдобар режисер (Брејди Корбет). На крајот од својот говор, Корбет му оддаде почит на режисерот Џеф Баена, кој почина неодамна.
Криминалистичкиот мјузикл на Нетфликс „Emilia Pérez“ беше најноминираниот филм на вечерта и доби четири награди, вклучително и најдобар филм – мјузикл или комедија, споредна женска улога за Зои Салдања, оригинална песна и филм кој не е на англиски јазик.
Салдања ги победи своите колешки Селена Гомез и Аријана Гранде.
Имаше и изненадување за најдобра актерка во категоријата драма, а бразилската ѕвезда Фернанда Торес ги победи Никол Кидман, Анџелина Џоли и Кејт Винслет за нејзината улога во драмата од 1970-тите. Наградата и ја посвети на мајка си.
Деми Мур ја доби наградата за најдобра актерка во мјузикл или комедија за „The Substance“.
„Навистина не го очекував тоа“, рече таа пред да додаде дека никогаш претходно не освоила ништо. Таа раскажа возбудлива приказна за недостатокот на самодоверба што го претрпела бидејќи не ја сфаќале сериозно.
Себастијан Стен ја загуби наградата за најдобар актер во драма, но доби Златен глобус за најдобар актер во мјузикл или комедија за „A Different Man“.
Историскиот еп „Shōgun“ доминираше во категориите на ТВ-драма, додека хитот „Baby Reindeer“ освои две награди.
Иако „Wicked“ беше исклучен од главните категории, му беше врачена наградата за филмско и бокс-офис достигнување, категорија создадена минатата година, а која за прв пат ја освои „Barbie“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

