Македонија
Мицкоски: Во инфраструктурата имаме големи инвестиции, експресниот пат Градско – Фариш ќе се пушти многу бргу од денес
„Што се однесува до пуштање во употреба на експресниот пат којшто ќе ги поврзува Градско, најпрвин Фариш, а потоа Клисура Дреново, тоа е во вкупна должина од отприлика 25 километри ќе биде набрзо од денес. Таму ќе се движат, по тој експресен пат, возилата со брзина од 130 километри на час“, посочи премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
„Сега ја пуштаме делницата од Градско до Фариш. Има мало свлечиште коешто очекувам да биде санирано. Пуштањето, мислам дека ќе биде на 14-ти овој месец, тоа би се рекло за шест дена од денес. Со што драматично ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на Македонија. Исто така, продолжуваат и активностите на автопатот помеѓу Прилеп и Битола, очекувам во рок од три години да биде и тој завршен. Има една карпа којашто претставува опасност за возилата и патниците во делот на потегот Дреново, кај Фариш, Клисура Дреново и таа ќе се санира. Очекувам и тој дел да биде пуштен во март, со што би се заокружиле овие 25 километри”, истакна претседателот на Владата Мицкоски.
Тој посочи дека покрај експресниот пат којшто ги поврзува Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка од 25 километри, и која е пуштена неодамна во употреба некаде на 17-ти јануари ќе се пушти во употреба првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово -Бељаковце.
„Така што, сето она коешто стоеше, сега полека се задвижува. Течат инфраструктурните активности на Коридорот 8 и 10Д. Очекувам пред да почне туристичката сезона, втора половина на мај, прва половина на јуни, да ја пуштиме делницата од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај местото Ботун. Тука имаме мало свлечиште коешто треба да се санира, и до крајот на 2026 да го пуштиме целиот потег на автопатот Кичево-Охрид. Очекувам да биде распишан тендерот Букојчани-Кичево со што и тука би се поврзале овие два коридора. Очекувам после адаптацијата, конечно да имаме успешно наддавање Блаце-Скопје, проектирање на тунелот Тетово-Призрен и така натаму и така натаму“, истакна премиерот Мицкоски.
„Очекувам да биде завршено, како и проектирањето Куманово-Страцин, обиколница Битола, граничен премин Меџитлија. Сето ова се проекти коишто се во процес на или проектирање или изградба и завршување“, подвлече претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа кога ќе биде готов патот Градско-Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

