Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со драстично намалување на загаденоста

Загадениот воздух во градовите во државата е сериозен проблем, кој бара системски и долгорочен пристап за негово решавање. И првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале за некој период од среден рок, од неколку години, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на долгорочна и системска стратегија, која реално ќе го намали загадувањето.
За да се направи тоа, меѓу другото, потребно е промена на начинот на затоплување на домовите, а тоа подразбира наместо фосилни, повеќе користење еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување.
За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите истовремено треба да биде достапен за сите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на изградба на такви гасни централи, а веќе има и заинтересиран инвеститор, а тоа е инвестиција за која реализација потребни се неколку години за да профункционира.
Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста и тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија, која ќе се користи во стопанството.
Жално е што поранешната седумгодишна влада предводена од СДС и ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за намалување на загадувањето.
Барем нешто да направеа, сега, по седум години, веќе ќе ги чувствувавме првите резултати и Скопје немаше да биде лидер на неславните европските и светски листи по загаден воздух“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да го праша Филипче дали се живее лошо во Македонија и од каде му се парите за забави на јахта со Заев

СДС пред да зборува за економските политики и за тоа како се живее во државата, нека го праша Филипче како живее, бијдеќи тоа што го збори СДС, а Филипче го прави не соодветствува едно со друго, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на која СДСМ побара покачување на минималната плата и платите во сите сектори.
„Нека каже Филипче како со лекарска и пратеничка плата, се стига до јахти, облакодери и акции во авиокомпании, па да ја раководиме економијата на државата во тој правец. Секако, ако е легално и законски начинот на кој ги заработил парите.
Кога се зборува за економија и животен стандард, СДС треба да се скрие и да молчи. Од земја на раб на банкрот, зголемени сметки, плати кои стагнираат и не се исплаќаат во време на СДС, за една година го сменивме начинот на живеење. Сега, граѓаните имаат повисоки плати, пензии, нови работни места, земјоделците добиваат субвенции.
Разликата е јасна. Со СДС се крадеше, а сега со ВМРО-ДПМНЕ се градат темелите на промените“, се додава во партиската реакција.
Македонија
(Видео) Владата да ја покачи минималната плата на 500 евра, порача СДСМ

Филмските изјави на премиерот Христијан Мицкоски за наводен раст на платите од 11 до 13 проценти месечно се најголемо потценување и навреда за граѓаните, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Мицкоски сака да каже дека платите во последните месеци пораснале и до 110 проценти. Такви фантазии не постојат во македонската економија. Реалноста е спротивна – цените растат, а платите стагнираат“, рече Кузеска.
Таа посочи дека според официјалните податоци синдикалната кошница за четири месеци се зголемила за 3.473 денари, додека просечната плата пораснала за само 1.033 денари.
„Минималната плата во Македонија е најниска во регионот, додека во БиХ е 511 евра, во Србија 500, во Црна Гора меѓу 600 и 800 евра. Владата на Мицкоски не дозволува минималната плата да достигне 500 евра“, изјави таа.
СДСМ оценува дека Македонија тоне во сиромаштија, со БДП по глава на жител од 8.751 долар, далеку под европскиот просек.
„Филмовите на Мицкоски не ја плаќаат потрошувачката кошница. Владата мора веднаш да ги покачи платите и да го прифати предлогот на СДСМ за минимална плата од 500 евра и покачување во сите сектори“, додаде Кузеска.
Македонија
Од 1,5 до 3,3 промили – пијани возачи приведени низ Македонија

Вчера во повеќе градови во земјава полицијата приведе возачи кои управувале возила под дејство на алкохол, а двајца од нив предизвикале и сообраќајни несреќи.
Во Неготино, околу 12:10 часот, полициски службеници привеле 55-годишен возач на „рено“ со локални регистарски таблички, кај кого биле измерени 2,15 промили алкохол.
Во Кавадарци, пак, околу 22:30 часот, приведен е 24-годишен возач на „фолксваген голф“ со велешки таблички, кој учествувал во сообраќајна несреќа и кај кого биле измерени 1,58 промили алкохол.
Во Скопје, околу 00:45 часот на ул. „Цветан Димов“, полицијата го привела 49-годишен возач на „форд“, кој исто така учествувал во сообраќајна несреќа. Кај него биле измерени дури 3,30 промили алкохол во крвта.
Во Куманово, на бул. „Трета македонска ударна бригада“, околу 23:25 часот е приведен 48-годишен возач на „форд“ со 1,70 промили алкохол.
Во Битола, пак, околу 22:15 часот, полицијата го запрела 48-годишен возач од струмичкото село Баница, кој управувал „фиат“ со 1,82 промили алкохол во крвта.