Култура
Филхармонијата ги демантира тврдењата на Дијана И. Илкоска: „Наводите се неосновани, невистинити, неаргументирани и паушални“
„На ден 09.01.2025 година во медиумите е објавен текст врз основа на Отворено писмо на диригентката Дијана И. Илкоска, во кое се изнесени обвинувања кон НУ Филхармонија на РСМ, а се во врска со нејзниот работен однос во установата. Читајќи ја содржината на наведениот текст, приморани сме да го доставиме овој демант“, велат од НУ Филхармонија на РСМ.
Демантот го објавуваме во целост.
„Неосновани, невистинити, неаргументирани и паушални се наводите, кои авторката на текстот Дијана Имери Илкоска ги навела во текстот објавен врз основа Отворено писмо на диригентката Дијана И. Илкоска, поради следните причини:
Дијана Имери Илкоска во објавениот текст наведувајќи ги нејзините автобиографски податоци и изнесувајќи ги личните наводи дека е преквалификувана за работното место кое го извршувала во НУ Филхармонија изоставила да го наведе фактот дека во ниту еден момент не била присилена да го напушти работно место наставник на неопределено време (во ДМБУЦ Илија Николовски – Луј Скопје) и да прифати да биде ангажирана на работно место на определено време. Тој избор го направила самоволно, како што и самата наведува. Оттука, мораме да потенцираме дека во ниту еден момент од страна на НУ Филхармонија или било кој вработен не ѝ било ветено дека тој работен однос ќе биде трансформиран од определено во неопределено време. Со ова сакаме да потенцираме дека авторката на текстот знаела или требала да знае дека договорот за вработување на определено време, може да престане да важи со изминување на временскиот рок за кој истиот е склучен и при тоа установата нема законска обврска да понуди нов договор, односно договор за продолжување на работниот однос.
Во насока на ова согласно член 77 – в од Законот за културата (текст на законот кој бил во важност во 2022 година) работното место нототекар, како и останатите 3 места од делот на продукција и помошно техничкиот персонал предвидено е да се засноваат на неопределено време. Непознато е зошто тогашната директорка решила и се согласила да ги спроведе огласите на определено и покрај укажувањата на правната служба на установата, дека истото е противзаконско. Сметаме дека целиот овој проблем произлегува токму од овој клучен минат момент, а сегашното раководство истиот само го наследува и го решава во рамките на законот.
Исто така, мораме да укажеме дека она што е напишано во демантираниот текст, досега неколку пати било предмет на дискусија меѓу авторката на текстот и установата. На Дијана Имери Илкоска во повеќе наврати ѝ е објаснето која е причината и законската регулатива по која не ѝ е продолжен работниот однос. Исто е аргументирано и во рамките на постапката по поднесената тужбата која таа ја има против работодавачот, за трансформација на работен однос. Но, од објавениот текст можеме да заклучиме дека за неа ниту еден одговор/ аргумент не е валиден, бидејќи тој не е во нејзин личен интерес.
На позицијата на која беше ангажирана Дијана Имери, нототекар, во минатото бил вработен еден извршител. Во времето кога таа била ангажирана на оваа работна позиција, од 01.07.2022 година до 31.12.2024 година бројката се искачила на три извршители, а при тоа и немало реална потреба за тоа, бидејќи немало значително зголемување на бројот на концерти во текот на сезоната.
Во делот од текстот кој се однесува на трансформација на нејзиниот работен однос од определено време во неопределно време врз основа на одредбата од членот 46 став 3 од ЗРО, од авторката на текстот поднесена е тужба и сметаме дека во моментов судот е тој кој треба да утврди дали наведените услови во споменатиот член се исполнети или не. Секако, НУ Филхармонија на РСМ како правен субјект кој е активен во правниот промет во државата, има законска обврска да постапи по пресудата која во иднина ќе биде донесена од страна на судот. Во меѓувреме, сметаме дека секое изнесување на факти и образложување на ставови врзани за предметот на тужбата, дали преку медиуми, портали или социјални медиуми, нема да вроди со плод, е непотребно, беспредметно и бесцелно.
Установата навремено поднела барање за продолжување на финансиската согласност за 2025 година за работното место нототекар, кое го извршувала авторката на текстот. Но, тоа не ја докажува трајната потреба од нејзино вработување во установата, туку потребата за продолжување на нејзиниот договор евентуално за уште една година.
Причината поради која работното место нототекар не е предвидено во Годишниот план за вработувања за 2025 година е утврдена во Законот за вработени во јавниот сектор и Методологијата за начинот на пополнување на плановите за вработување, каде јасно и недвосмислено е наведено дека работните места кои се пополнети со договори за врботување на опредeлено време не треба да се впишуваат во годишните планови за вработување. Дополнително, тоа е план за вработувања кои треба да се реализираат во следната година и не е логично да се впишуваат работни места кои веќе се пополнети.
Неточни и неосновани се наводите дека тоа е причината поради која барањата за продолжување на согласностите се отфрелени од страна на надлежните институции поради тоа што работното место не било впишано во годишниот план за вработување за 2025 година. До денес во установата не е пристигнат ниту еден допис или било какво писмено известување во кое истото е наведено. Впрочем, не ни е познато врз основа на кои докази или информации, авторката на текстот истото го тврди.
Секако, разбирливо е дека на секое лице на кое му престанува работниот однос во одреден правен субјект, потребно е да му се ограничи пристапот во деловните простории на работодавачот, при тоа во ниту еден момент на авторката на текстот не ѝ беше забрането да пристапи до објектот и да си ги подигне своите лични предмети.
Сметаме дека изнесените ставови во демантираниот текст се лично мислење на авторката на текстот и се во насока на повреда на интегритетот и угледот на установата, како и на лицата кои работат во неа.
Во врска со концертот „Севда“ кој се одржа на ден 16.02.2023 година, кој авторката на текстот го сработила со „волја и љубов“ сакаме да посочиме дека за истиот примила хонорар во износ од 123.000,00 денари во нето износ. Исто така, за дополнителните ангажмани кои ги работела надвор од описот и пописот на работното место, покрај погоре споменатиот надомест, на неколку наврати ѝ биле исплатени нето износи од 123.000,00 денари и два пати по 61.500,00 денари“, се наведува во демантот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

