Македонија
Петрушевски: Вистинската основа за поднесената интерпелацијата на Стоилковиќ е јавното обелоденување на криминалите сторени од ДУИ
На собраниска седница за интерпелации се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој зеде збор во врска со интерпелацијата за Иван Стоилковиќ и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија не ја поддржува интерпелацијата поднесена од страна на ДУИ.
„Дозволете ми да го соопштам ставот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија која што нема ја да поддржи оваа интерпелација од неколку причини. Најпрвин затоа што се работи за лов на евтини политички поени од страна на ДУИ врз основа на меѓуетнички прашања, а она што е посериозно е што обидот за политизација на меѓуетничките прашања во време кога Македонија се соочува со многу предизвици на патот кон Европската унија е непотребен и пред се е штетен за стабилноста на државата што пак е во директна колизија со интересите на нашите стратешки партнери“, рече Петрушевски.
Пратеникот исто така истакна дека основите поднесени за оваа интерпелација се во надлежност на безбедносните структури, а не на министерот Стоилковиќ, и исто така објасни дека основата за поднесувањето на оваа интерпелацијата од страна на ДУИ е јавното откривање на криминалите сторени од страна на ДУИ.
„Исто така морам да истакнам дека наведените основи во интерпелацијата се во исклучива надлежност на безбедносните структури и во никаква надлежност на министерот Стоилковиќ и она што е добро е тоа што имаше соодветна реакција на МВР и се разјаснети сите околности особено морам да го истакнам инцидентот во Куманово каде што апсолутно не се работеше за никаков меѓуетнички инцидент туку напротив немаше никаква етничка основа. Но да бидеме реални вистинската основа за интерпелацијата е тоа што министерот Стоилковиќ ги откри јавно криминалите во работењето во Министерството за односи меѓу заедниците додека било раководено од ДУИ, наместо на ваков начин да се обедува ДУИ да го брани Артан Груби најдобро ќе биде веднаш да си ја повлече оваа неоснована интерпелација“, објасни Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

