Македонија
Во целосен прекин патниот правец Демир Капија – Смоквица

Од 15:50 часот патниот правец А1 Демир Капија – Смоквица е во целосен прекин и сообраќајот се пренасочува по алтернативниот патен правец Р 1102, информира АМСМ.
Активни забрани за тешки товарни возила има на:
– Гостивар – Маврово-Дебар
– Гостивар – Стража-Кичево
– Пресека
– Плетвар
– Ѓавато
– Струга – г.п. Ќафасан
– М.Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос
– Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
ЈП Македонија пат во текот на целиот ден врши расчистување на снегот на државните патишта со сите технички и човечки ресурси и ги одржуваат сите патни правци проодни, велат од Министерството за транспорт.
„Апелираме до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќај во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Сите детални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат од дежурните служби на ЈП Македонија пат на телефонот 02 25 61 502“, се наведува во соопштението на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Ѓорѓиевски: Уште една незаборавна ноќ во Кисела Вода, десетици илјади граѓани на концертот во Расадник

Со вистинска експлозија од енергија, ритам и емоции, синоќа помина третата вечер од Културното лето на Општина Кисела Вода, кое годинава се одвива под слоганот „Сѐ на свое место“. Расадник повторно беше полн со луѓе, откако десетици илјади граѓани се собраа за да прослават и да уживаат во една од најмасовните музички забави што се случиле во Скопје последниве години.
На сцената настапија популарните 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика, кои со своите хитовски песни ја дигнаа публиката на нозе. До доцна во ноќта одекнуваа добро познати рефрени, а атмосферата беше еуфорична, преполна со енергија и музика.
„Ова е само увертира за она што следува“
На настанот се обрати и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој не го криеше воодушевувањето од атмосферата и масовноста на публиката.
„Да кажам благодарам е малку. Јас ви се поклонувам, мој народе! Ова беше уште една одлична и една од најпосетените забави во Скопје изминатите години. Забава која ќе остане да се памети, а за тоа да биде така се потрудија неповторливите 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика. Ви се заблагодарувам на сите! Вие сте причината за ова што го работиме од срце, со елан и визија! И ова не е крај – ова само е увертира за она што следува!“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги дувна и свеќичките на роденденската торта, честитајќи го празникот на општината.
Последна вечер со хумор и евергрини
Славењето продолжува и вечерва, повторно на истото место – Расадник, со последната вечер од богатата роденденска програма.
Од 20:30 часот ќе настапат стенд-ап комичарите Бојан Велевски и Маријан Георгиевски, а веднаш потоа ќе следува настап на Теа и 2 Exit, кои ќе понудат модерна изведба на македонски евергрини.
Македонија
Алиу со информации за повредените од Кочани: Се лекуваат во земјава и странство, Пониква добива втора група

Тројца пациенти кои беа тешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани сè уште се лекуваат надвор од земјата, двајца во Турција и еден во Словенија, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за здравство.
Министерот потврди дека сите тројца се во стабилна здравствена состојба, а состојбата на повредените што се лекуваат во земјава се следи редовно. Неколкумина се згрижени во Клиниката за пластична хирургија, каде што се третираат поради длабочината на изгорениците. Дополнително, двајца пациенти се хоспитализирани во приватната болница „Систина“, исто така во стабилна состојба.
Во меѓувреме, се реализира рехабилитација и на планината Пониква. Таму во моментов се наоѓа првата група пациенти, на кои им асистираат пет физиотерапевти, специјалист физијатар и општ хирург, соопшти Алиу.
„Младите се изразиле дека сакаат да продолжат и понатаму со програмата. Веќе имаме барања од некои од нив да останат и со втората група, која најверојатно ќе започне со рехабилитација од втората половина на јули“, рече министерот Алиу.
Во врска со обвинувањата од роднини на загинатите за наводен несоодветен третман и недостиг на опрема во болницата во Кочани, министерот истакна дека очекува институциите надлежни за истрага да дадат јасни одговори.
„Кочанската болница е меѓу нашите топ приоритети. Откако сум министер, правиме сè што е можно во рамките на надлежностите за нејзино соодветно опремување. Работна група континуирано работи на тоа“, додаде тој.
Алиу извести дека во моментов на Клиниката за онкологија има терапија, а во понеделник ќе има средба со директорот за дополнително подобрување на состојбата.
Се осврна и на состојбата со Психијатриската болница „Бардовци“, која, според него, „не личи на болница“, поради лошата инфраструктура и недостигот од кадар. Донесени се одлуки за вклучување на стручни лица од други установи кои ќе доаѓаат повремено и ќе им помагаат на пациентите таму.
Во врска со проблемот со паркинг-просторот за вработените во Клиничкиот центар, министерот посочи дека веќе има применето решение за надворешно паркирање, кое наишло на мешани реакции.
„Во тек е подготовка на втора фаза од решението, која ќе подразбира и уредување на внатрешниот паркинг-простор во рамки на кампусот“, најави Алиу.
Скопје
(Видео) Повторно гори кај „Њу Стар“, пожарот се шири кон куќите во Визбегово

Пожарот што избувна на 28 јуни во близина на скопската населба Шуто Оризари – Визбегово и хотелот „Њу Стар“, денеска повторно се активираше, предизвикувајќи сериозна загриженост кај локалното население и институциите. Огнот, кој потекнува од дивата депонија, бргу се прошири и се доближи до првите куќи во населбата.
Според информациите од терен, запалена е сува трева и деградирана ниска вегетација на неколку локации околу хотелот. Густ чад се издигнува над Визбегово, а противпожарните екипи се обидуваат да ја задржат огнената линија далеку од објектите и домовите.
„На терен се распоредени противпожарни тимови од Град Скопје со три возила и неколку пожарникари. Дополнително побаравме поддршка со нови сили за да се спречи натамошното ширење на огнената стихија“, информираат од Противпожарната бригада на Скопје.
Пожарот, кој веќе двапати беше гасен од екипите, повторно се појави, што ги натера надлежните да посомневаат во можно намерно предизвикување. Центарот за управување со кризи (ЦУК) испрати итен допис до Град Скопје и до Општина Шуто Оризари, со барање за итна и координирана акција.
„Постои сериозна опасност од натамошно ширење на пожарот. Не исклучуваме можност дека огнот е намерно подметнат. Затоа бараме итно ангажирање на обезбедување што ќе ја надгледува локацијата и ќе реагира при секој обид за ново палење“, велат од ЦУК.
Покрај тоа, од ЦУК предлагаат депонијата да се покрие со инертен материјал, шут или земја, за да се ограничи ширењето на пожарите и да се намали ризикот од нови пламени јазици. Побарано е и засилено присуство на инспекциски служби кои ќе спречуваат незаконско фрлање отпад на оваа локација.
„Неопходно е институциите веднаш да преземат мерки за заштита на здравјето на населението и на животната средина“, се наведува во итниот допис на ЦУК.
Состојбата и натаму останува ризична, а граѓаните од овој дел на Скопје апелираат за побрза и поефикасна интервенција со цел да се заштитат нивните домови и животната средина.