Македонија
„Влен“: ДУИ нон грата остана сама и на работ на уништување
Партијата нон грата ДУИ, остана сама, и на работ на уништување. Бидејќи оваа партија е позната како десна рака на казината, тие ги потрошија сите џокери што им беа на располагање, велат од коалицијата „Влен“ преку соопштение.
„Принципите ги оставија на страна, интересот на граѓаните во фиоки, а состојбата на Албанците воопшто не им беше на дневен ред, коалицираа со сите политички партии само за да ја задржат власта. Но, денес сме во време на целосно демаскирање на оваа преполовена и уништена партија. ДУИ како единствена врата на која тропнаа албанците, се претвори во врата од пеколот, врата која не се отвора. Или кога се отвори вратата на ДУИ, на Албанец му се затвори врата и се отвори затворска врата. Така, наместо решение, оваа нон грата партија за време на своето делување затвори и малтретираа многу Албанци.
Тргнуваме од таму каде што почна промената, Албанците први ја разбираат дволичноста и лицемерието на оваа партија. Затоа на последните избори му го дадоа заслужениот одговор. Албанскиот граѓанин гласаше за осуда на оваа штетна партија за државата. А оваа казна ќе биде уште поостра на претстојните избори бидејќи веќе нема закани и уцени. Државата се ослободи, граѓаните дишат слободно. Ова не е се, бидејќи ДУИ, како што споменавме погоре како партија без принципи и политички морал, се обиде да коалицира и со СДСМ и со ВМРО. Но, на македонските партии не им требаа коалициони партнери кои им служеа на Никола Груевски и Сашо Мијалков, затоа денес ниту една од овие партии не сака ни да слушне за слугите на семејството Груевски – Мијалков.
За да продолжи понатаму, откако албанскиот народ со глас го осуди, македонските партии со целосен бојкот и со јасни причини, и меѓународниот фактор му го зададе последниот удар, со кој оваа партија е во “нокаут“, изведувајќи ги последните удари. ДУИ денес стана синоним за криминал и корупција, таа е најнепосакуваната партија во цела држава. Сега можат да ги обвинат граѓаните, па и македонските партии, но и меѓународниот фактор. Но, се фактитет што ја докажуваат реалната вистина. Не можете да си играте со судбината на граѓаните и да останете со бел образ, како што поцрнија многу животи на граѓани, полека полека овие безобразници си заминуваат и исчезнуваат од политичката сцена. Најголемата албанска коалиција, ВЛЕН, е вратата на која граѓаните можат да чукаат. ВЛEН е најдобрата и единствена политичка опција во албанскиот табор“, се вели во соопштението на Влен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар зимале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.
Македонија
Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија
Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, информира СВР Охрид.
Во рамките на вежбовните активности, предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.
Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.
„Апелираме до граѓаните на Охрид и Струга, да ги почитуваат насоките на полициските и армиските службеници кои, ќе се грижат за безбедноста на целокупното подрачје“, велат од СВР Охрид.
фото/Depositphotos

