Свет
Русија заработила речиси 3 милијарди евра даноци од компании од ЕУ
Според извештајот објавен вчера од невладините организации B4Ukraine and Squeezing Putin и Институтот на Киевската школа за економија, Кремљ заработил околу 3 милијарди евра даноци во 2023 година од компании од Европската унија кои биле, а некои сè уште се активни во Русија.
Странските компании во Русија значително придонесуваат за руската каса, бидејќи продолжуваат да продаваат несанкционирани производи како што се прехранбени производи, тутун и облека. Вкупните даночни приходи достигнуваат 21,2 милијарди евра кога ќе се земат предвид компаниите од земјите кои ја поддржуваат Украина или дури директно Русија.
Тутунскиот гигант „Филип Морис“ е најголемиот странски даночен обврзник во Русија. Според пресметките на KSEI, производителот на цигари „Малборо“ во Русија оствари приход од речиси 7 милијарди долари во 2023 година. Компанијата плати 208 милиони евра данок, што е зголемување од 144 милиони евра една година порано.
Додека многу западни компании се подготвени да го напуштат рускиот пазар или веќе го направиле тоа, останаа неколку стотици откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина во 2022 година. На крајот на минатата година, „Луфтханза Техник“ и „Карлсберг“ го напуштија рускиот пазар.
Од 1.600 анализирани компании, повеќе од 900 доаѓаат од земјите на Г7, кои ја поддржуваат Украина политички, финансиски и воено. „Вкупно 930 компании од Г7 и ЕУ беа главни даночни обврзници во Русија, а 16 од 20 најголеми даночни обврзници доаѓаат од овие земји“, се вели во извештајот.
Во Европската унија, во извештајот се наведени најмалку 827 компании. Тие остварија приход од 79 милијарди евра во 2023 година, што е намалување во споредба со 111,4 милијарди долари во 2022 година, но нивниот придонес во корпоративниот данок остана стабилен на 3 милијарди евра.
Француското семејство Mulliez продолжува да има силно присуство на рускиот пазар. Нивните малопродажни компании Лерој Мерлин и синџирот супермаркети Auchan се рангирани на третото и седмото место во однос на приходите од Русија во 2023 година. Портпаролот на Лерој Мерлин изјави дека холдинг компанијата АДЕО ја пренела сопственоста на руската филијала на локалното раководство на крајот на 2023 година. Auchan не одговори на барањето за коментар.
Меѓу првите 20 даночни обврзници се и прехранбените гиганти како Нестле, Марс и Пепси, како и германските трговски синџири Метро и Глобус. Меѓу споменатите кинески компании се автомобилски компании како што се Хавал и неговиот сопственик Great Wall Motors, како и Chery, Geely (сопственик на Volvo), FAW и Changan.
Корпоративниот данок во Русија ќе се зголеми од 20 на 25 отсто оваа година, што може дополнително да ги зголеми придонесите на западните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Жена обвинета за спектакуларната кражба на накит од Лувр вреден 88 милиони евра
Француската полиција поднесе обвинение против 38-годишна жена осомничена за учество во голема кражба на накит од парискиот музеј Лувр, во која биле украдени предмети вредни околу 88 милиони евра, објави Би-Би-Си.
Жената, која не е именувана, се товари за учество во организирана кражба и злосторничко здружување. Како што јави АФП, таа се расплакала пред судот додека го потврдувала своето живеалиште во париското предградие Ла Курнев.
Во полициската акција биле уапсени вкупно пет лица, од кои едно е ослободено без обвинение, а едно лице кое директно учествувало во грабежот сè уште е во бегство.
Кражбата се случила на 19 октомври, непосредно по отворањето на музејот, кога групата крадци со украдено возило и механичка кревачка платформа се искачила до балконот на Галеријата „Аполон“ и со брусилка ги скршила стаклените витрини. Целата акција траела само четири минути.
Меѓу украдените осум парчиња се и тијарата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, како и накитот на Мари-Луиз. Украдените предмети сè уште не се пронајдени.
По инцидентот, француските власти ги засилија безбедносните мерки околу културните институции, а дел од највредните експонати од Лувр биле преместени на чување во Француската банка.
Фото: Pixabay/pexels
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.
Регион
Вучиќ: Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на парастосот во Храмот „Свети Сава“ во спомен на 16-те жртви кои загинаа при пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
„Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија. Шеснаесет животи беа изгубени. Денеска за секој од нив палиме свеќа, молејќи се во тишина и верувајќи дека нивните имиња и спомени ќе останат засекогаш во нашите срца,“ напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека во вакви моменти најважно е Србија да остане достоинствена и обединета:
„Без тешки зборови и поделби, во тишина да упатиме молитва за загинатите. Нека нивните имиња бидат потсетник дека човечкиот живот е над секоја поделба,“ порача Вучиќ, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.

