Македонија
СДС треба да се извини што го толерирале Груби, што не го спречиле кога имале шанса, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС и Филипче додека беа власт се им дозволија на коалициските партнери ДУИ. СДС и Филипче дозволија криминалот да царува а корупцијата да се прошири до пандемиски размери. СДС молчеше и создаде атмосфера во која се перцепираа како немоќни, а истовремено беа дел и соучесници пред се она што беше очигледно а тоа е мегаломански криминал и пљачкање на народните пари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче беа директни сведоци на сомнителни активности, а во јавниот дискурс постојано проектираа слика на незнаење и неинформираност. СДС и ДУИ да излезат на прес конференција и да се извинат на граѓаните затоа што дозволија 7 години да ги крадат народните пари.
СДС и Филипче да се изјаснат дали навистина имаат намера да покажат политичка одговорност, да започнат со јавно признавање на сопствените попусти и да се извинат пред јавноста за тоа што не презеле ништо за спречување на корупцијата од страна на ДУИ и Груби.
Филипче додека бил функционер во владата на СДС и ДУИ знаел за криминалните активности на Груби и ДУИ но молчел за да опстане криминалната коалиција ден повеќе на власт и токму поради тоа денес Филипче треба да помогне на правосудниот систем за докажување на криминалот.
СДС треба проактивно да соработува со правосудните органи и да ги сподели сите информации за кои има сознанија, за да придонесе кон расчистување на незаконските активности на ДУИ и Груби, во спротивно се друго е прикривање, и ја продолжува штетната практика на неказнивост.
СДС после два месеци откако скандалот и криминалот на Груби ја бранува јавноста се обидува да се дистанцира од ДУИ преку декларативни изјави за несогласување со нивните дејства.
Ваквиот пристап на СДС кој е лишен од конкретни чекори, не само што е површен туку ги прави соучесници и е недоволен за да се врати довербата кај граѓаните.
Ако СДС сака да изгледа барем малку одговорно, треба да се извини што го толерирале Груби, што не го спречиле кога имале шанса. А потоа, сите тие што му овозможија да дојде до оваа точка, мора да се повикаат на одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

