Свет
Бред Пит проговори за измамата што Французинката ја чинела 830.000 евра
Светските медиуми ја пренесоа веста за измамата која ја доживеала 53-годишната дизајнерка на ентериер Ана од Франција. Испратила 830.000 евра на непознат маж мислејќи дека тоа е Бред Пит. За инцидентот преку свои претставници проговори и вистинскиот Бред Пит.
„Ужасно е што измамниците ја искористуваат силната врска на фановите со познати личности. Не одговарајте на такви пораки, особено од актери кои воопшто немаат присуство на социјалните мрежи“, рече тој. Додаде дека на ист начин биле измамени уште две жени на интернет.
За потсетување, Ана тврди дека измамник ја контактирал преку Инстаграм, претставувајќи се како мајка на актерот, Џејн Ета Пит.

Ден потоа, таа добила уште една порака од друга корисничка сметка, која наводно гласела: „Здраво, Ана. Мајка ми ми кажа многу за тебе. Би сакал да знам повеќе за тебе“. Ана рече дека во тој период поминувала низ тешка криза во бракот, поради што чувствувала дека може да и се довери на оваа личност – која на крајот ја злоупотребила нејзината доверба.
„Бред Пит“, вели Ана, во еден момент и напишал дека има рак на бубрегот и дека поради разводот со Анџелина Џоли не може да си ги дозволи средствата за лекување. Тој и испратил фотографии од болницата (дури и од операционата сала) направени со помош на вештачка интелигенција. Никогаш не разговарале на телефон бидејќи, како што вели Ана, секогаш биле презафатени.
По неколкумесечна кореспонденција, Ана се согласи да се омажи за човекот кој и праќаше пораки. Таа на крајот му исплатила пари за „третман“ на лажна сметка. Таа почна да се сомнева во неговиот идентитет кога во медиумите се појавија фотографии од Бред Пит со неговата девојка Инес де Рамон. Таа ангажирала инспектори кои набрзо ја откриле вистината – таа никогаш не комуницирала со Бред Пит. Сепак, беше предоцна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

