Македонија
Елитата на СДС живее на висока нога и во маркет нема влезено, да пазаруваат како обичните граѓани, ќе видеа дека се намалија цените на над 1.000 производи, реагира ВМРО-ДПМНЕ
„Елитата на СДС која не е прибрана во државата од шетања низ ексклузивни дестинации, глуми загриженост за македонските граѓани. Тие во маркет немаат стапнато, пошто целото нивно раководство живее на висока нога. Почнувајќи од нивниот претседател, Венко Филипче кој вози скапи автомобили и постојано летува за Дубаи, па се до неговата заменичка, Фани Каранфилова Пановска на која што месечните хонорари во невладината Сорос и се движеле по неколку илјади евра“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„СДС да влегуваа и пазаруваат по маркети и продавници, ќе видеа дека над 1000 производи беа со намалени цени, и во континуитет се преземаат мерки за намалување на цените.
Инфлацијата во континуитет се намалува, споредено со периодот на владеење на СДС кога истата беше двоцифрена.
Според официјалните податоци, инфлацијата и скапотијата пред неколку години беше двоцифрена, за во 2023 година да заврши со 9,5%. 2024 изборна година и ВМРО-ДПМНЕ на власт шест месеци, инфлацијата се спушти на 3,5% и годината заврши со раст на економија од 2,3%.
Според податоците на Државниот завод за статистика, Индексот на трошоците на животот во 2023 година, во однос на 2022 година кога исто така СДС беше на власт, забележан беше раст од 9.4%, а индексот на цените на беше 7.0%.
Потсетуваме дека, исто така, СДС се тие кои што го зголемија и ДДВ на прехранбените производи што директно доведе до зголемување на цените на прехранбените производи.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема активни економски мерки кои што уште минатата година ја стабилизираше економијата и после ваквото стабилизирање годинава следи нејзино заживување, кое што ќе доведе до одржлив начин на зголемување на животниот стандард на граѓаните.
Исто така, според проекциите на Народна банка годинава се очекува раст на БДП од 3,3% и дополнително намалува на инфлацијата до ниво од 2,5%“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos

