Македонија
(Видео) Кузеска: Не може да има 6 милијарди евра Буџет а да нема пари за поголеми плати на работниците
Власта има рекорден Буџет од 6 милијарди евра за оваа година, а вели дека нема пари за зголемување на платите на работниците, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданк Кузеска.
Како што рече, уште кога беше во фаза на предлог Буџетот за 2025 година, СДСМ предупреди дека ова ќе биде најгломазниот и најраспинички буџет во историјата во кој ќе нема пари за работниците и поголеми плати за граѓаните. И тоа се покажало како точно.
„Ова е недопустливо и покажува целосно непочитување на трудот македонските работници и неспособност на власта да одговори на економските потреби на граѓаните. Дополнително, власта товари нови долгови на грбот на граѓаните и граба пари за себе воопшто не водејќи сметка за потребите на граѓаните и на работниците. Покрај задолжувањето од 500 милиони евра од Унгарија, власта во изминатите 3 месеци се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, и 73,7 милиони евра кај домашните кредитори. Тоа се нови, над 200 милиони евра долгови врз грбот на граѓаните кои ќе ги плаќаат идните генерации. А платите стагнираат, животниот стандард и куповната моќ на народот опаѓа. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат зголемени трошоци за живот за 4,4 отсто и зголемени цените на основните производи за 4,3 проценти“, реч Кузеска.
Додаде дека со власта на Мицкоски и ДПМНЕ граѓаните имаат помалку пари во џебовите а работниците живеат се потешко.
Според Кузеска, власта целосно го напуштила системот за зголемување на платите воспоставен од СДСМ што резултирало со влошување на животниот стандард на работниците. Упорно го игнорираат и нивниот предлог за минимална плата од 500 евра, која, како што додаде Кузеска, е неопходна за да се одговори на растот на трошоците за живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

