Свет
Трамп би можел да воведе царини за Канада и Мексико за 10 дена
 
																								
												
												
											Американскиот претседател Доналд Трамп не воведе веднаш царини како што вети претходно, но рече дека размислува да воведе царина од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико на 1 февруари поради илегалните имигранти, кои влегуваат во САД, како и поради фентанилот. Откако ја положи заклетвата како претседател, Трамп не воведе бргу царини за два од соседите на Америка, но им нареди на федералните агенции да ги истражат постојаните трговски дефицити и нефер трговски практики, како и наводната манипулација со валутата од други земји.
Во претседателскиот меморандум Трамп им наложи на одделите за трговија и финансии, како и на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, да ги истражат ризиците што ги претставуваат големите трговски дефицити за економијата и националната безбедност и да предложат соодветни мерки, како што се дополнителни глобални тарифи или други политики, за да се намалат таквите дефицити.
Инвеститорите се подготвуваа за царини на првиот ден на Трамп, кои би можеле да ги попречат долгогодишните трговски договори, но писмото на Трамп, всушност, бара дополнително истражување што би можело да ги поддржи идните акции врзани за царините. Одложувањето на царините доведе до закрепнување на глобалните цени на акциите и зајакнување на другите валути во однос на доларот. Американските финансиски пазари беа затворени вчера, но се отвораат денеска.
На прашањето на новинарите во Белата куќа дали има намера да воведе универзална царина за сите увозни производи во САД, Трамп одговори дека тие сè уште не се подготвени за тоа, но можеби ќе бидат подготвени во иднина. На прашањето за царините за Канада и Мексико тој одговори дека размислува за царина од 25 отсто бидејќи тие две земји наводно дозволуваат голем број луѓе, како и фентанил, да влезат во САД. Трамп исто така рече дека сака да го промени трговскиот дефицит на САД со Европската Унија преку царини или дополнителен извоз на енергија.
Царините беа тема на дискусија во текот на денот на инаугурацијата, при што Трамп нагласи дека таквите мерки може да донесат огромни приходи за земјата бидејќи неговата администрација се обидува да ја обнови американската индустрија. Царините ќе ги наплаќа новата агенција наречена Служба за надворешни приходи.
„Царините ќе нè направат проклето богати. Тоа ќе ги врати американските бизниси, кои нè напуштија“, им рече Трамп на поддржувачите во Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Регион
Црна Гора: Полицијата приведува и протерува странски државјани, запален бар во турска сопственост
 
														По инцидентот што ја потресе подгоричката населба Забјело во саботата, црногорската полиција приведе десетици странски државјани и спроведува низа проверки, додека двајца мажи од Азербејџан и Турција се уапсени под сомнение за учество во насилството. Во меѓувреме, нападнат е и бар во турска сопственост.
Како што соопшти Полициската управа, уапсени се азербејџанскиот државјанин Ј.Г. (31) и турскиот државјанин Н.Д. (54), осомничени за кривично дело насилно однесување. Според полицијата, тие го нападнале и повредиле жителот на Подгорица М.Ј. пред две ноќи во населбата Забјело.
За време на истрагата, приведени се 45 лица, претежно странски државјани од Турција и Азербејџан. Сите тие биле предмет на кривична обработка и проверки поврзани со легалноста на нивниот престој во Црна Гора. Полицијата открила неколку неправилности – издадени се седум прекршочни потерници за кршење на Законот за странци, осум лица се протерани од земјата, додека на двајца им е наредено да останат и редовно да се јавуваат во полиција додека не се заврши постапката.
Полицијата апелираше до граѓаните да останат достоинствени и смирени, и да не подлегнуваат на емоции или повици за линч.
„Во секоја заедница има поединци кои со своето однесување го нарушуваат јавниот ред и мир, но задача на властите е да ги идентификуваат и гонат ваквите појави во согласност со законот. Полицијата решително продолжува да спроведува мерки за зачувување на довербата на граѓаните, меѓуетничката и меѓуверската хармонија, како и безбедноста на сите во Црна Гора“, се вели во соопштението.
Полицијата, исто така, најави дополнителни проверки на странци во соработка со Министерството за внатрешни работи, Даночната управа и други надлежни органи, со цел да се утврдат сите неправилности поврзани со престојот и деловните активности на странските државјани на територијата на Црна Гора.
Во саботата навечер тројца турски државјани се забарикадираа во казино во Забјело, по што полицијата ги изнесе и приведе двајца од нив. Потрагата по тројцата напаѓачи, кои, според неофицијални информации, се исто така турски државјани, е во тек. Тие се осомничени дека со нож тешко повредиле жител на Подгорица.
Во меѓувреме, ситуацијата дополнително ескалираше. Продавница во сопственост на турски државјанин е уништена на булеварот Ивана Црноевиќа во Подгорица. Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат скршени излози, запален објект и целосно уништена кујна.
View this post on Instagram
Видеото објавено на Фејсбук страницата „Очи Подгорице“ предизвика бурни реакции од јавноста, а властите истражуваат дали станува збор за чин на одмазда поврзан со инцидентот во Забјело.
Полициската управа објави дека ќе го зголеми надзорот врз престојот на странските државјани и ќе примени „бескомпромисни мерки“ против оние што ги кршат законите на Црна Гора.
„Кога ќе се утврдат неправилности, веднаш ќе се покренат постапки за откажување на престојот и депортација, со цел да се зачува безбедноста на граѓаните и да се заштити правниот поредок на државата“, соопшти полицијата.
Државните власти велат дека заедничкото дејствување – од страна на полицијата, Министерството за внатрешни работи, Даночната управа и други институции – ќе ги санкционира сите форми на кршење на законот, но исто така ќе спречи обиди за поттикнување меѓуетнички тензии.
Црна Гора, се вели во соопштението, „останува отворена и безбедна земја за сите што ги почитуваат нејзините закони и институции“
Свет
Трамп: Ќе се сретнам со Ким Џонг-ун ако сака
 
														Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека сака да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ако Ким го сака тоа и не ја исклучи можноста за продолжување на неговата тековна турнеја низ Азија.
„Не сум утврдил ништо, но би сакал да се сретнам со него, ако тој сака да се сретне. Се сложував одлично со Ким Џонг-ун, ми се допаѓаше, тој ми се допаѓаше – ако сака да се сретнеме, ќе бидам во Јужна Кореја“, изјави Трамп пред новинарите во претседателскиот авион на пат кон Токио од Куала Лумпур, објави Си-Ен-Ен.
Трамп ќе ја посети Јужна Кореја подоцна оваа недела, каде што ќе се придружи на самитот на извршни директори на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
На прашањето дали би размислил за продолжување на патувањето за да се овозможи евентуална средба со Ким, Трамп посочи дека е отворен за тоа.
„Не сум размислувал за тоа, но мислам дека одговорот би бил да, би го направил тоа, секако. Тоа е нашата последна станица, па затоа е прилично лесно да се направи“, рече тој.
Трамп се сретна со Ким три пати – во Сингапур, Виетнам и во меѓукорејското село Панмунџом, каде што беше постигнато примирје – помеѓу 2018 и 2019 година, за време на неговиот прв мандат како претседател на САД.
Тој постојано повторуваше дека има добри односи со Ким и неколку пати навестуваше за својата желба да ја продолжи дипломатијата со Северна Кореја, иако нивните нуклеарни разговори на крајот пропаднаа.
Трамп неодамна изрази желба повторно да се сретне со Ким во неколку наврати, велејќи дека е „отворен“ за разговори со него.
Сепак, Северна Кореја остана без одговор на понудата на Трамп, објави агенцијата Џонхап.
Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон Хуи, го напушти Пјонгјанг во неделата за да ги посети Белорусија и Русија.
Во разговор со странски дописници денес во Сеул, третиот заменик-советник за национална безбедност на Јужна Кореја, О Хјун Џо, изјави дека средбата меѓу Трамп и Ким е „малку веројатна“ за време на состаноците на АПЕК оваа недела, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Возачот што усмрти тричлено семејство во Белград бил пијан и под дејство на дрога
 
														24-годишниот Н.Ѓ. од БиХ вчера, еден час по полноќ, со голема брзина удрил во друго возило со своето „ауди“ во Нов Белград, при што на лице место загинало тричлено семејство кое се наоѓало во автомобилот „хјундаи“. Нивото на алкохол во крвта на возачот било измерено на 1,17 промили, а бил позитивен и на канабис. Тој денес ќе биде сослушан во Вишото јавно обвинителство во Белград, пренесува српски Телеграф.
Во стравичната сообраќајна несреќа, животот го изгубија сообраќајниот полицаец Б.Ж. (43), неговата сопруга Д.К. (38) и нивниот деветгодишен син М.Ж. Совозачот од „аудито“, Ј. П. од БиХ, кој исто така бил под дејство на алкохол со ниво во крвта од еден промил, е во тешка состојба во Ургентниот центар. Лекарите му дијагностицирале тешки повреди опасни по живот.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ ги потврди деталите за несреќата што се случила околу 00:50 часот на улицата „Омладински бригада“.
„Возачот на ‘аудито’ Н.Ѓ. (24), државјанин на БиХ, е уапсен поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело Тешки дела против безбедноста во јавниот сообраќај. Утврдено е дека возел под дејство на алкохол во крвта од 1,17 промили“, рече Дачиќ.
Тој потврди дека настрадало семејството во „хјундаито“, а дека возачот ќе биде приведен до 48 часа.
фото: принтскрин


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											