Македонија
Царинската управа: Спречени обиди за шверцување лекови, медицински игли, тутун, облека и обувки
Мобилен тим спречи обид за шверц на 2.220 лека, и тоа: таблети Jardiance од 25 мг – 780 парчиња, инсулин Sanofi Lantus Solostar 100 u/ml – 40 парчиња, таблети Xarelto 15 мг – 728 парчиња и таблети Eliquis 5 мг – 672 парчиња. Случајот е откриен во внатрешноста на државата кај патарината Романовце при контрола на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Турција – Косово.
1.100 инсулински игли се откриени од мобилен царински тим при контрола на автобус на влез во државата на граничниот премин Табановце. Во автобусот, кој сообраќал на релација Биелефелд – Струга, пронајдени се и непријавени 57 термомотори и термостати за регулирање подно греење.
183 клучеви за возила и 98 делови и уреди за декодирање клучеви се откриени на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во патните торби на државјанка на Косово, која допатувала со лет од Виена.
123 парчиња автоделови се пронајдени под задното седиште и во просторот за резервна гума на комбе со бугарски регистарски таблички, а управувано од македонски државјанин, на влез во државата на граничниот премин Делчево.
Служба за мобилни скенери спречи обид за шверц на седум дела за моторна санка. Делото е откриено на влез во државата на граничниот премин Табановце при контрола на камион со македонски регистарски таблички, во кој биле скриени деловите.
Царински службеници на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во багажот на двајца романски државјани, кои имале намера да отпатуваат со лет за Лондон, открија 144 штеки цигари, 960 грама тутун.
48 илјади пара чорапи со вкупна вредност од 442.536 денари, кои не биле опфатени со царинските декларации, се пронајдени при контрола на стока по потекло од Косово, пријавена за увозно царинење во царинската филијала Скопје 3, наменета за увозник од Скопје.
73 парчиња облека и обувки се откриени од страна на Службата за мобилни скенери во патните торби на македонски државјанин при контрола на автобус на граничниот премин Табановце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

