Македонија
„’Влен’ не се залага за внуци“: Дрин Ахмети бил повикан од Обвинителството
„Кога ќе се спомене ДУИ, не можеме да мислиме друго освенна злоупотреби и корупција. Сакаме да ја информираме јавноста за едно важно прашање поврзано со економската активност на компанијата „Еверест ЈД“ ДООЛ, која е во сопственост и управувана од Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ нон грата, Али Ахмети. Според достапните информации, ова компанија не го платила концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини налокацијата „Буковиќ“, со што ги прекршила законите и прописите“, велат од ВЛЕН.
„Оваа неодговорна постапка претставува сериозен облик на нетранспарентност и злоупотреба на привилегиите дадениза експлоатација на природните ресурси и поради оваа причина, коалицијата ВЛЕН иницира да се преземат итни и целосни мерки за расветлување на ова прашање.
Со гордост ја споделуваме оваа информација, бидејќи со несаканата транзиција на ДУИ во опозиција, заврши и заштитата или поддршката во судовите и обвинителството. Затоа, ова е знак дека завршува ерата на политичко влијание врз институциите кои треба да бидат целосно независни и незасегнати во работата на правосудството.
По откривањето на ова дело, Дрин Ахмети бил повикан од Обвинителството да даде објаснувања и се води истрага за овој случај. Коалицијата ВЛЕН, како дел од владата, ги повикува правосудните институции да постапат во согласност со законот и да обезбедат безбеден и транспарентен истражен процес, за да се избегне каква било форма на политичко влијание за конечната одлука да биде целосно заснована на законите на нашата земја. А злонамерниците како Дрин Ахмети ќе ја добијат заслужената казна.
Коалицијата ВЛЕН со целосна решителност и максимална одговорност ги поддржува сите напори овој случај да се постапува со професионалност и непристрасност за да се воспостави ред и законитост во оваа област.
Коалицијата ВЛЕН будно ќе го следи ова прашање и ќе биде неприкосновна во борбата за транспарентност и правда и никогаш нема да толерира злоупотреби. Ги уверуваме граѓаните дека сме тука да ги откриеме сите измами поврзани со ДУИ нон грата и дека ќе има одговорност за сите.
ВЛЕН е коалиција на сите граѓани, ВЛЕН не се залага за внуци туку за секој од вас. Секој граѓанин ужива почит и еднаков третман од најголемата албанска коалиција“, се додава во соопштението на ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

