Македонија
Мојсоска: Ќе купуваме нов владин авион зашто повеќе болат колената на премиерот отколку животот на граѓаните

Пратеничката од партијата Левица, Јована Мојсоска, на својот Фејсбук профил реагираше против најавите на Владата за купување на нов владин авион, нагласувајќи ја „катастрофалната состојба во македонското здравство каде луѓето умираат чекајќи термини за преглед“.
„Владата ќе купувала нов авион. Во земја каде се чека со месеци за преглед, затоа што нема медицински персонал и соодветна опрема, ниту пак има буџет за превентивни активности во борбата со карциномот, каде од раната детекција на болеста зависи животот на пациентот.
Ќе сме купувале нов владин авион во држава каде нема термини за пет-скен и магнетна резонанца. Стапката на смртност од рак на дојка во 2010 година била 30 на 100.000 жени – во 2023 година 37,5 на 100.000 жени.
Ќе сме купувале нов владин авион, затоа што повеќе болат коленцата на премиерот отколку смртноста од чекање за термин во руинираното здравство“, напиша пратеничката од редовите на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„СДС, Шукова и Заев во 2020 година го лажеа народот дека ќе го решат проблемот со Вардариште, резултатите се нула“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во 2020 година СДС Шукова и Заев во предизборната кампања ветуваа решавање на проблемот со депонијата Вардариште“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ветување беше официјално запишано и во нивната програма насловена „Можеме“ за парламентарните избори во 2020 година на стрaна 228 каде што стои „Ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја“. Ова е уште едно лажно предизборно ветување на СДС и Шукова.
Истата таа програма на СДС го наведува и износот од 42 милиони евра како финансиско портфолио за реализација на проектот.
Каде завршија тие 42 милиони евра?
Зошто СДС, Шукова четири години го влечеа истиот проблем без никаква реализација?
Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште?
Како Шукова и СДС имаат доблест повторно истото да го ветуваат пред граѓаните, овој пат Шукова само од позиција како кандидат за градоначалник на Скопје?
Ова е класичен пример на манипулација и лажење на јавноста. Ова е доказ дека СДС многу ветува а ништо не исполнува.
СДС да не го потценува народот, СДС треба да знае дека 2 пати истите лаги не поминуваат, граѓаните знаат кој работи за нивно добро.
ВМРО-ДПМНЕ има програма и план за решавање на проблемите на граѓаните, почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот за сите граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Филипче: Само СДСМ може да се спротивстави на хаосот што го прави ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, заедно со кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Маја Мојсова Мијовска се сретнаа со граѓаните на оваа општина на кои им порачаа дека СДСМ е силата што може да ја исправи државата која повторно е ставена под закана од режим, од сиромаштија и од институционално уништување.
„Брутална партизација, брутално задолжување на земјата од сомнителни извори во огромни суми како никогаш досега, злоупотреба и политички реваншизам. Нема никаква грижа за граѓаните – грижа има само за себе, за партијата и за една мала група луѓе. Во такво сценарио единствен кој може да се спротивстави е СДСМ“, рече Венко Филипче на маалската средба во општина Карпош.
Тој истакна дека борбата за подобра иднина мора да започне „од секоја една уличка, од секое маало, преку населба и општина, па сè до големите градови“ и дека тоа треба да биде вовед во голема победа за да се спаси државата. Филипче посочи дека граѓаните очекуваат чесност и одговорност, а токму тоа е понудата на СДСМ.
„Не е лесно – и ние не ветуваме лесно. Ветуваме тешка борба, но искрена и чесна. Ние сме тие кои треба да ја спасат државата од политичка катастрофа. Само со единство и обединети сили можеме да победиме“, додаде Филипче.
Во своето обраќањето тој ја нагласи поддршката за кандидатката за градоначалник на општина Карпош, Мојсова Мијовска, за која кажа дека како докторка има искуство во работата со луѓе и дека знае што значи да се слушнат и да се разберат нивните проблеми.
Македонија
Скопјани со денови се трујат, горењето на Дрисла е сериозна опасност за уште поголема катастрофа, велат од СДСМ

„Пожарот во Дрисла се уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното-здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.
„Страшно е ова што се случува, скопјани се трујат од отровен чад и канцерогени честички поради горење на депониите Дрисла и Вардариште.
Виновници за труењето на скопјани се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои 4 години не мрднаа со прст, не ги исолнија ветувањата и не го решија проблемот. Депониите се симбол на нивната неспособност и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“.
Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени на канцерогеното земјиште. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла.
Ништо од ова не е реализирано. Скопје и натаму е задушено, Вардариште и Дрисла горат, а воздухот повторно е отров за граѓаните.
Мицкоски ги слуша гласовите на мајките кои ги затвораат прозорците за да ги заштитат децата од чадот, гледа како скопјани се гушат во облаци канцерогени честички, гледа телевизиски прилози со чадови од Дрисла и Вардариште, и пак не презема ништо.
Иако е претседател на ЗЕЛС, ниту Орце Ѓорѓиевски не направи ништо. Наместо решенија, се крие од граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособна власт ја претворија метрополата во еколошка бомба.
Скопјани паметат, скопјани знаат и ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на локалните избори“, се наведува во соопштението на СДСМ.