Македонија
Отворено писмо од гимназиски професори: Со отстранувањето на философијата во македонското образование стануваме периферија
Гимназиски професори по философија, логика и етика реагираат по повод Концепцијата за гимназиско образование, истакнувајќи дека радикално и категорично ja отфрлаат понудената Концепција за гимназиско образование.
Писмото го пренесуваме во целост:
„Magis utile nil est artibus his quae nil utilitatis habent“
Ovid., Ex Ponto
„Ништо не е покорисно од оние вештини од коишто немаме никаква корист“
(со алузии на философијата и уметноста)
Овидиј, Ex Ponto
Радикално и категорично ja отфрламе понудената Концепција за гимназиско образование. Мноштвени се негативните импликации во однос на учениците, професорите, гимназискиот образовен процес и државата во целост. Оваа концепција, во која се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење. Концепцијата се засновува на логички и методолошки проблеми – неконзистентност, неаргументираност, противречност. Во логиката, овие грешки претставуваат карактеристики на нелогичното мислење, со самото тоа, на бесмисленото мислење. Ниту една од целите на Концепцијата не може да се реализира преку системот на предмети кои како задолжителни ги нуди концепцијата, зашто тие цели не се предмет на нивното истражување и суштинска тенденција. Единствената која е повикана да ги оствари поставените образовни цели, е токму философијата преку корпусот философски предмети – философија, логика и етика. Највисокиот облик на мислењето е мислењето за самото мислење. Тоа е акт на философијата. Само во философијата се трага по тоталитетот на вистината, се остварува разговорот на душата самата со себе и се облагородува истата за дијалог и средба со другиот. Критичкото мислење почива на логички основи. Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста. Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа. А, дали можеме да бидеме среќни, ако не знаеме што е среќата? Етиката го истражува односот кон себе самиот, кон другиот, кон заедницата на која припаѓаме, кон сопствениот народ и целото човештво. Биоетиката и еколошката етика се етички дисциплини. Историјата ги учи учениците што се случувало во минатото на нивниот народ, но етиката прави да го возљубат својот народ, а преку него и целото човештво. Градењето на национален, етнички и културен идентитет, како и почитувањето на историјата и културното наследство се остварува единствено преку философијата. Историјата ги учи учениците какви уредувања постоеле низ историјата, ама философијата ги учи какви треба да бидат уредувањата. Но, креаторите на Концепцијата очигледно ништо од ова не сфаќаат.
Анализите покажуваат дека во сите европски земји се инсистира на философско образование. Со отстранувањето на философијата во Македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови.
Да не дозволиме да создадеме генерации кои, Хераклитовски, иако присутни во светов, ќе изгледаат како да се отсутни, кои иако будни ќе изгледа како да спијат.
Бранка Љубиноска СОУ „28 -ми Ноември“
Валентина Богоевска „Никола Карев“
Весна М.Трајковска СОУ „Таки Даскало“
Виолета Серафимовска „Никола Карев“
Владимир Ѓуровиќ СУГС „Орце Николов“
Даница Палазова СОУ „Јане Сандански”
Данка Јовева СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип
Драгица Солунчева, „СУГС Раде Јовчевски Корчагин“
Дунавка Костадинова СОУ „Ванчо Прќе”
Евгенија Маневска СОУ „Таки Даскало“
Елвира Мустафа СУГС „Никола Карев“
Емилија Ежовска
Емилија Ежовска СУГС „Панче Арсовски“
Жаклина Реџовска ОСУ „Ацо Русковски“
Јане Ѓорески СОУ „Мирче Ацев“
Јовица Илиќ СОУ „Коста Сусинов“
Јосиф Печков СОУ „Јане Сандански“
Јулијана Јолевска СУГС „Гимназија Орце Николов“ – Скопје
Кристина Трајанова СОУ „Коста Сусинов
Кристина Трајанова СОУ „Коста Сусинов“
Лепа Василевска СОУГ „Кирил Пејчиновиќ“ Тетово
Љупчо Стевановски ,,Раде Јовчевски Корчагин
Никица Величковски СОУ „Гоце Делчев“
Павлина Филипова СОУ „Коста Сусинов“
Ријадин Беџети СОУ „Неготино”
Сања Трајковска СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово
Светлана Поп Дучева
Снежана Арџанлиева Танева СОУ „Јосиф Јосифовски“
Снежана Соколова СОУ „Ванчо Прќе“ – Виница
Сунчица Здравкова СОУ „Кочо Рацин“
Трајче Серафимовски, СУГС „Георги Димитров“ -Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

