Свет
Израелски офицер раскажa што се случило со заложниците во тунелите на Хамас
Некои од израелските заложници ослободени од Газа како дел од примирјето биле држени од Хамас до осум месеци без прекин во тунели, лишени од дневна светлина и со мал или никаков човечки контакт, тврди израелски офицер.
Тројца израелски цивили и четири жени војници досега се ослободени како дел од прекинот на огнот, кој започна на 19 јануари.
За возврат, Израел ослободи 290 палестински затвореници.
„Некои од нив ни кажаа дека во последните неколку месеци или цело време биле во тунели, под земја“, изјави за новинарите Ави Банов, заменик-началник на израелските воени лекари.
„Некои од нив цело време биле таму сами“, рече тој.
„Оние кои рекоа дека се заедно (со други) се во подобра состојба“.
Израелската војска ги надгледува првите лекарски прегледи на заложниците по нивното пристигнување на израелска територија.
Ројтерс не можеше да дојде до вооруженото крило на Хамас за коментар.
Заложниците рекле дека нивниот третман се подобрил во деновите пред нивното ослободување кога им било дозволено да се тушираат, да се пресоблечат и да имаат подобра храна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Контролата го прашала пилотот на хеликоптерот дали може да го види авионот помалку од 30 секунди пред судирот во Вашингтон
Во медиумите се појавија детали за последните моменти пред патничкиот авион на Американ Ерлајнс да се судри со воен хеликоптер Блек Хок во близина на националниот аеродром Вашингтон Реган.
Неколку минути пред планираното слетување, контролорите на летање го прашале авионот што доаѓал дали може да слета на пократката писта на аеродромот, објави новинската агенција Асошиетед прес.
Пилотите одговориле дека можат и контролорите му дозволиле на авионот да слета на пистата 33. На помалку од 30 секунди пред судирот, контролорот го прашал пилотот на хеликоптерот дали може да го види авионот.
Контролорот направи уште еден повик до хеликоптерот неколку моменти подоцна. Сепак, дошло до судир.
Податоците пренесени од транспондерот на авионот пред падот покажаа дека авионот во моментот на судирот се наоѓал на височина од околу 120 метри и се движел со брзина од 225 километри на час.
Свет
Израел: Остануваме на планината Хермон, нема да дозволиме непријателите да се зацврстат
Израелските сили, кои зазедоа стратешка позиција во јужна Сирија по падот на Башар ал Асад, ќе останат на врвот на планината Хермон на неодредено време, изјави во вторник министерот за одбрана Израел Кац по посетата на војниците во областа, пишува Ројтерс.
Кац нагласи дека Израел нема да дозволи „непријателските сили“ да се зацврстат во јужна Сирија.
Планината Хермон, масивен планински венец покриен со снег што се протега по сириско-либанската граница, стратешки гледа на Дамаск и околните региони, како и на Голанската висорамнина, која Израел ја зазеде од Сирија за време на Блискоисточната војна во 1967 година.
Израел тврди дека неговите војници зазеле позиции во демилитаризираната зона во Сирија под надзор на ОН и дека некои сили се преселиле надвор од областа. Израелските власти претходно нагласија дека потезите се ограничени и привремени, за да се обезбеди безбедноста на границите на Израел.
Свет
Трамп очаен по падот на патничкиот авион во Вашингтон: „Не е добро!“
Американскиот претседател Доналд Трамп е информиран дека патнички авион се урнал во Вашингтон, откако авионот се судрил со воен хеликоптер.
Двете летала се урнаа во заледената река Потомак во близина на националниот аеродром Роналд Реган, а спасувачите неуморно трагаат по преживеани. За жал, досега од водата се извлечени 18 безживотни тела. Се намалуваат надежите за пронаоѓање на преживеани.
Набргу по трагедијата, кабинетот на Трамп излезе со соопштение во кое се наведува дека претседателот бил информиран за несреќата. Трамп очигледно од минута во минута ги следи случувањата на теренот, а на социјалната мрежа „Truth Social“ ги искажа своите размислувања за трагедијата.
Во објавата, Трамп рече дека несреќата „требаше да се спречи“ и изрази загриженост за инцидентот.
„Авионот беше на совршена и рутинска линија за приближување до аеродромот. Хеликоптерот се движеше право кон авионот подолг временски период. Беше јасна ноќ! Светлата на авионот пламтеа, зошто хеликоптерот не отишол нагоре или надолу, ни се свртел. Зошто контролната кула не му кажала на хеликоптерот што да прави наместо да праша дали го виделе авионот. Ова е лоша ситуација која требаше да се спречи! Не е добро!“, напиша Трамп.